Селективна цел
Facebook статус на Никица Корубин
Дали таргетираната, наменска албанофобија, спакувана во мантрата “ДУИ е криминална” има конкретна цел или широка примена? Дали целта се конкретни личности, на пример на високи (стратешки) позиции или широката примена треба (не)свесно да се примени на Албанците per se, по принципот на пропагандата: сто пати изречените нешта стануваат вистина … и секојдневие.
Затоа што во нашето секојдневие, се чини криминалот и сомнежот за него е прилично селективна работа. А, пак селективноста е дополнително градирана, точно се определува што е подобно (за уво) и примамливо (за очи), ама никако да не дојде до разумот, туку исклучиво до чувството. Чувството на загрозеност, на повластеност, на присилно прифаќање на “Албанците во системот”, оној “нашиот, македонскиот”. За таа селективност никој не говори. А, ниту пак за архетипската, првична партизација, криминализиција и клановска дозвола. Затоа што едноставно, не врши работа, а и не е баш “безбедно “да се шири темата.
Па, белким некој не верува дека насекаде низ нашиов “наследен” систем, само Албанците “жарат и палат”? А, каде се остантите 2/3, тие меритократски ли “не доаѓаат на работа, а земаат плата”, “фамилијарно-непотистички и клановско-партиски се распоредени низ администрацијата”, “експертски и стручно го монополизираат образованието и академијата” и особено “ексклузивно се занимаваат со најпрофитабилните бизниси”?
И затоа темите варираат, строго селективно од “Слупчане, преку блиските и далечните роднини на Ахмети, Бехтел и Енка на Груби, до синот на Џафери”. Дури и за ѓубрето во Скопје, ќе се најде некое албанско презиме, никако македонско. А, ако е македонско, веројатно е за привиден баланс, но пред се’ со дозвола. Од репресираната македонска партократија.
Туку, да се вратиме на целта. Во услови кога “просторот се расчистува” и на него останува обврската од која се бега како од ѓавол, уставните измени; а и кога сите трикови, главно албанофобски се извадени и кога дури и фашистичката тема за “размена на територии и население” е нормализирана преку “диригираниот молк”, прашањето само се наметнува, кој(а) е всушност целта која се таргетира и потенцијално компромитира?
Па, веројатно процесот и оној кој го води или онаму каде што се води. А, тоа е Собранието. Пратениците доследно, систематски и унисоно се компромитираат и сатанизираат со години од страна на (македонската) партократија “од лево и десно”, па сега наменски остана уште претседателот на парламентот. Кој “случајно” е Албанец, случајно е “од ДУИ” и “случајно” ги “водеше” и измените за уставот за Преспанскиот договор. И се разбира, само “случајно” ќе биде “централната точка” на начинот и ефикасноста на водење и на овие уставни измени.
И затоа тековната албанофобија, отворена и прикриена е наменска. “Природно” од опозицијата и крајно “неприродно” од власта и сите околу неа. Иако во светло на стеснетата билатерала во “Отворен Балкан”, по излегувањето на Албанија и нашиот мазохистичко и автодеструктивно одбивање да го напуштиме клерикално-хегемонистичкиот обид, за директно влијание и супремација; станува јасна “хармонијата” и внимателноста при меѓусебните напади на навидум спротивставените страни: власт и опозиција. Затоа што по прашањето на ширењето на албанофобијата, се чини дека се прилично обединети, прашањето е само “кој прв почна”.
Во општество, кое е изложено на финален и брутален напад, пред конечното “ментално и фактичко” осамостојување, преку неповратно отпочнување на ефективни преговори со ЕУ; “да мрази се’ што е албанско и бугарско, а малку и грчко”, како темелни точки на опстојување на државата на принцип на одржливост внатре и добрососедство надвор; не се дозволени никакви импровизации и самоволие, во форма на (не)видливи итрини, декларативно европејство и суштински личен и партократски интерес. А, најмалку “помош” од север.
Оваа тековна албанофобија ја таргетира директно државата. А, државата се граѓаните, кои велат, 80% “сакаме во ЕУ” и покрај сите обиди за (само)саботажа. Доволни ли се овие 2/3 за промена на уставот, што мислите? Па, нели, работите за “народот и граѓаните”?
