| |

“Македонизација” на Македонците и “Деалбанизација” на Албанците

Facebook статус на Никица Корубин

Процесот кој отпочна од моментот на уставните измени во 2019 година, со кои станавме потполна и целосна членка на Обединетите нации и комплетна држава, а кулминира деновиве, треба да финишира во конечно разоткривање: кој и со која цел, проблематизирајќи ги сите стратешки и егзистенцијални договори на државата, цело време ја проблематизира самата држава?

Тука некаде завршуваат и се обесмислуваат сите манипулативни наративи и лажни национализми, кои за волја на вистината латентно тлеат од независноста до денес; а се интензивираа со секое поединечно раскинување со поранешната СФРЈ и нејзината “заштитничка” улога на “контролираниот” македонизам. Која патем речено, стана “поранешна” во ѕверски, геноцидни и крвави војни, со илјадници жртви. Како лајтмотив кој секогаш ќе лебди како предупредување и потсетување, на совеста на сите лажни и вистински југоносталгичари.

Тука завршуваат ламентациите за “онеправданоста на Македонците” и свесно наметнатиот наратив за “жртва” кој треба секогаш да ги држи потчинети и дефанзивни, наместо самоуверени и самостојни; тука завршуваат манипулациите за “одбрана на идентитетот”, кој со секоја “гаранција” која се бара за него, свесно се обесмислува и ослабува (не знаеме кои сме и што сме, ако некој не ни потврди); тука завршуваат и сите “патриотски акции”, бидејќи патриотизам без држава и политичка свест за истата,

е “кукавичко јајце” во сржта на вистинскиот патриотизам: функционална и европска држава, за индивидуалецот како граѓанин со сопствен етнос.

Паралелно со оваа присилна лажна “македонизација”, се одвива процесот на партиско/партократска “деалбанизација”, каде “албанството” како реален проблем за “конструираниот македонизам”, мора да се дефакторизира до степен на идентичност со “системскиот и дозволен македонизам”. Подобни Македонци, подобни Албанци, нема разлика.

Прашањето, “кому пречат Албанците”, има прекрасно сликовит приказ деновиве, на кое веќе никаков ефект немаат, инстант одговорите за унисоно негирање на вкоренетата албанофобија со главната досетка “имам пријател Албанец”, чиниш станува збор за некаков егзотичен примерок. А, тоа е најголемиот “страв” кој јавно ги обедини “двете страни” на “заробената држава”: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Никако, и по никоја цена не смее да се дозволи во македонскиот парламент Албанците да седат во првите редови, во случајов ДУИ како втора партија во парламентот. А, не па да имаат претседател на државната изборна комисија и да организираат избори. Макар, станувало збор и за оние “пријателите Албанци”.

Улогата што (не)свесно или не ја одигрува албанската опозиција, заслепени и/или занесени во очекуваниот “допир до власта”, кој толку им го помати сеќавањето и џентлменскиот договор, што речиси целосно, заборавија на сопствената главна порака, пред оние кои им дадоа доверба: уставни измени, како предуслов во влада, за Северна Македонија во ЕУ реално, а не декларативно, како единствено можна функционална држава; ќе биде небитна во моментот кога целосно ќе бидат “македонизирани”, ама не (лажно)патриотски како што некој сака да се прикаже, туку во долгоочекуваната и долгопосакуваната “србизирана варијанта”. Модел “Отворен Балкан”. Истиот оној, за кој самите тие ќе предлагаа Северна Македонија да го напушти. Чудна работа е меморијата постизборно, на нешто се сеќаваш, на нешто не.

Но, да се вратиме на почетокот. Почетокот на крајот, на борбата за проблематизирање на сите договори, потонати во анти-албанството, анти-бугарството и анти-хеленство. Ако нема Северна Македонија, ќе нема никаква Македонија, ако нема добрососедски односи, ќе има изолација, ако нема внатрешна кохезија и меѓу и интра етничка хармонија, ќе нема функционална или било каква држава.

И, да СФРЈ одамна не постои, Отворен Балкан е параван за “српскиот свет”, па единствената варијанта за Македонци надвор од Северна Македонија е “србизирани Македонци” или “Македонци само за внатрешна употреба”. И за едното и за другото имаме примери во историјата на 20-от век. Уште да се обелодени тоа “внатрешна”, за која толку долго и доследно се блокира единствената држава која ја имаме.

И бидејќи на секој патриотизам, па макар бил и лажен, му треба држава како основа: како се нарекува патриотизмот кој ја негира сопствената држава и сопствениот устав? Може да се сонува, може да се одработува, може и да се манипулира, ама секој вистински патриот, и граѓанин на оваа држава, знае дека легитимитетот, кредибилитетот и легалноста ја има само Северна Македонија, членка на НАТО и членка на ЕУ. Бидејќи, се’ уште зборуваме за независна и своја држава, зарем не? Или не?



Слични Објави