|

Македонски брачен пар заглавен во Газа, од Израел вратени 60, а утре се очекува да пристигнат уште 90 македонски граѓани, кажа Османи

Македонски брачен пар е заглавен во Газа, кажа министерот за надворешни работи Бујар Османи.

„Имаме еден брачен пар што е внатре во Газа во загрозеното подрачје, а знаете дека Газа е изолирана од Израел. Единствениот излез беше преку Египет, но брачниот пар во моментот кога стигнал на граничниот премин истиот се затворил и не можат да излезат ниту кон Египет ниту кон Израел. Амбасадата во Каиро е во комуникација со тој брачен пар и тие се безбедни во моментов, но знаете дека таму ситуацијата е многу променлива и можеме да сметаме дека тие се во некаков ризик. Работиме и со властите во Египет за да ги ослободат да излезат во Египет. Потоа ќе организраме и превоз но засега немаме начин како да ги извлечеме од Газа“, информира Османи.

Од тие 100 до 200 наши државјани кои се во Израел како што рече првиот човек на дипломатијата, досега се идентификувани и контактирани 150 граѓани.

„Досега се контактирани 150 наши граѓани од Израел, од кои 60 веќе стигнаа, а останатите 90 очекувам утре, во текот на денот сите да бидат вратени во Македонија“ кажа Османи.

Дел од граѓаните кои беа затекнати во загрозените подрачја во регионот на Газа, ноќеска со авион пристигнале во Атина и веќе се на пат кон својот дом. Во Атина, Османи посочи дека тие биле пречекани од нашата амбасада, од каде со автобус се префрлени до граница, од каде МНР ги презема со возила и ги носи до нивните домови.

„Така беа вратени ноќеска петмина, а утринава дополнително 17 од тие дваесетина што беа во загрозените подрачја пристигнаа веќе во Атина и во моментот се на пат кон Солун и МНР организира превоз и ги пречекува на граница и организира превоз до нивните домови“, посочи Османи.

Како што рече, првично фокусот бил да се идентификуваат луѓето, па да се контактираат и извлечат од загрозените подрачја и потоа да се пренесат до Тел Авив, каде и имало функционален аеродром.

Тој подвлече дека дел од граѓани биле вратени преку Јордан, Албанија, Турција, Црна Гора и Србија.

Слични Објави