МАКЕДОНСКИТЕ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛИ БАРААТ ИСПЛАТА НА СРЕДСТВАТА ЗА ОДОБРЕНИТЕ ПРОЕКТИ

Македонските филмски фестивали реагираат дека и по шест месеци од доделената поддршка на конкурсот од Агенцијата за филм немаат потпишано договори, ниту, пак, добиено финансиски средства за нивно одржување.

Агенцијата за филм има донесено одлуки и ја исплатила финансиската поддршка само за неколку фестивали и манифестации, додека останатите фестивали немаат официјален одговор и покрај многуте дописи, доставени адаптирани програми и буџети согласно ситуацијата со ковид-кризата на барање на Агенцијата уште во мај и јуни годинава, велат од фестивалите преку допис до медиумите.

„Најновата неофицијална информација е дека на в.д. директорот на Aгенцијата за филм му е истечен мандатот на почетокот на август и поради тоа не може да потпишува договори, иако официјално не е разрешен од таа функција“, нагласуваат македонските фестивали, барајќи од властите да назначат нов в.д. директор или да се продолжи мандатот на постоечкиот директор за да може да се потпишат договорите.

Тие предлагаат управниот одбор, на кој не му истекол мандатот, да го овласти директорот да може да потпишува договори и да врши исплата на средства, односно да не биде запрено функционирањето на Агенцијата за филм како институција и да се овозможи нормална реализација на веќе одобрените проекти.

„Недоделувањето на средствата за фестивалот ‘Македокс’ на само десетина денови пред фестивалот е резултат на административен пропуст, кој во изминатите седум месеци и покрај заложбите на директорот, администрацијата и членови на Управниот одбор на Агенцијата, дел од Управниот одбор одбива да го разгледа и да изнајде решение, се одолговлекува седум месеци и го става во ризик меѓународно најетаблираниот македонски фестивал за документарни филмови, кој е единствен фестивал од нашата земја поддржан и од програмата на Европската Унија МЕДИА“, се додава во соопштението зад кое се потпишани Ехофестивал на планински филм, Киненова – МФФ, Македокс – Меѓународен фестивал на креативен документарен филм, Филозофски филмски фестивал, Синедејс – фестивал на европски филм, Џифони Македонија – филмски фестивал за млади, ОДА – Тетово филм фестивал, Флипбук – фестивал на европски авторски анимиран филм, Кратово 2020 – Етнолошки филмски фестивал, Галичник филм фестивал, Астерфест – Интернационален филмски фестивал и ЕТНОФФ – Меѓународен етнографски студентски филмски фестивал.

Oвие фестивали бараат од Владата, Министерството за култура и Агенцијата за филм официјален јавен став со дефинирање на јасна, транспарентна и сеопфатна стратегија за сите фестивали, со цел да продолжат успешно и сериозно со нивната работа.