МАКЕДОНСКИТЕ И БУГАРСКИТЕ ИСТОРИЧАРИ СО РАЗЛИКИ ЗА СРЕДНИОТ ВЕК- УТРЕ НА ДНЕВЕН РЕД ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ

Во конструктивна и коректна дискусија и дебата помина првиот ден од седмиот состанок на мешовитата македонско бугарска експертска комисија којшто се одржува во Софија, пренесува А1Он.

Членовите на Комисијата работеле по претходно разменетите предлог идеи за усогласување на препораки за учебниците за седмо одделение во Северна Македонија и шести клас во Бугарија.

„Постојат сериозни разлики во однос на пристапот и разбирањето на средновековната историја и во однос на терминологијата и користењето на одредени термини во учебниците кои се однесуваат на средновековниот период“, потврдија за МИА извори од Комисијата.

И покрај разликите членовите на Комисијата усогласиле некои забелешки во однос на општите проблеми кои постојат во учебниците во двете држави и имале можност, како што велат оттаму, да си укажат едни на други што е тоа што им пречи од тие учебници.