Македонско археолошко друштво: Собранието менува закон во полза на бизнисот а на штета на културното наследство

Македонското археолошко друштво, археолошка фела и стручните лица во установите за заштита на културното наследство во текот на вчерашниот ден останаа целосно вчудоневидени од дрскиот Предлог на група пратеници во Собранието на РС Македонија за дополнување на Законот за заштита на културното наследство кој се најде во собраниска процедура по скратена постапка. Ваквото законско решение е изработено без вклучување и консултирање на стручната јавност, реагираат денес од Македонското археолошко друштво.

Како што велат, со предложеното додавањето на еден став во член 65 од Законот се прави обид за целосно заобиколување на Министерството за култура, Управата и надлежните установи за заштита. Со предложените измени се овозможува бескрупулозно легално уништување на културното наследство во име на стратешко партнерство и јавен (бизнис) интерес, односно како што е наведено во предложениот текст во име на: „Ефикасна имплементација на Законот за утврдување на Јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (Делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (Делница на автопатот Прилеп– Битола)‟.

– Апсурдот да биде поголем, понатамошното образложение на Предлогот гласи: „Меѓутоа, нивната реализација може да се соочи со потешкотии поради обврските кои настануваат за изведувачите на работите при наоѓање на археолошко наоѓалиште, односно предмети од археолошко значење во текот на изведување на градежните работи‟, па господата пратеници измислиле „решение со кое го надминуваат проблемот‟, а кое е надвор од секакво здраворазумно однесување на совесни граѓани на оваа држава, уште помалку на пратеници, реагираат македонските археолози.

Македонско археолошко друштво смета дека пратениците, отворено и без нималку свест и совест за културните вредности на државата, бараат да се занемари заштитата на културното наследство која како темелна вредност е од исто толку голем јавен интерес за државата и нејзините граѓани и се остварува задолжително на територија на целата држава, без исклучок. Оттука, потенцираат тие, не смеат да се дозволат какви било отстапки и законски процедури со кои остава простор за уништување на културно наследство, без разлика на инвеститорот и стратешкиот интерес.

– Во името на Македонското археолошко друштво и целокупната стручна фела го повикуваме пратеникот Арбер Адеми, како овластен предлагач, и останатите пратениците предлагачи итно да го повлечат предложеното дополнување на Законот, а Владата да не дозволи заради бизнис интересите на одредени политички дисиденти да биде инвеститор во уништувањето на заедничкото културно наследство кое треба да го оставиме на идните генерации. Воедно апелираме до пратениците во Собранието на РС Македонија да ја разбудат својата свест и совест, да го спречат донесувањето на криминални и штетни измени во Законот за заштита на културното наследство, се вели во реакцијата на Македонско археолошко друштво.

Во понеделник, 10.04.2023 година, во 10 часот, пред Собранието на РС Македонија, Македонското археолошко друштво јавно ќе го искаже својот револт од Предлогот на пратеничката група за измени во Законот.

 

Слични Објави