| |

„Македонско сценарио“ за Србија

Facebook статус на Никица Корубин

Дека договорот помеѓу Косово и Србија ќе биде прифатен, ама не и потпишан; беше јасно уште од порано, односно јасно е повеќе од една година толеранција на ЕУ и САД кон Србија и нејзиното упорно седење на “две столици”. Србија употреби се’ што е во нејзина моќ, вклучително и фамозниот Отворен Балкан, да “глуми” про-европска држава, со јасно одбивање да се дистанцира од блискиот и драг “руски свет”, како иманентен близнак на автохтониот “српски свет”. Но, толеранцијата се чини има плафон и граници; а приказната е веќе стигната до крајни граници.

Иако, ако се слуша деновиве, српскиот дискурс, од политичката опозиција, преку медиуми, па се’ до интелектуалци и аналитичари; парадоксално српскиот претседател Вучиќ делува далеку “поевропски” од сите останати на куп. Степенот на опсесивното присвојување на самодекларираниот “српски свет” во кој Косово е само дел (а, во кој се’ почесто се ламентира и по македонските земји); и одбивањето да се прифати реалноста, односно живот во некоја паралелна/српска реалност е толку висок и сеприсутен; што би требало реално да не’ загрижи сите нас “присвоените”.

И Косово е загрижено и со таа загриженост на ум, косовскиот премиер Курти, ги води преговорите до точка каде што “ЕУ треба да го обезбеди механизмот, договорот да се спроведе”. Отсуството на загриженост кај нас, вклучително и албанските партии, во однос на “вековната визија” на Србија за регионот, логично би бил апсурден, како што е апсурдно отсуството на поддршка, до степен на отежнување, кон Курти, како (прото)тип на политичар кој ги паничи сите политичари на линија на “албанско-српскиот” свет како што би рекол Рама, во кој ние нормално ја одигруваме споредната улога, која друг ни ја наме(т)нува.

Но, да се вратиме на повикот на Курти кон ЕУ, всушност на “македонското сценарио” за Србија. Да, тоа не е сценариото од пред неколку години против авторитарни режими, кое во меѓувреме целосно се партократизира и узурпира и кај нас; туку тоа е сценариото од минатото лето и познатиот “француски предлог”. Што беше всушност “францускиот предлог”? Иако, метафорички го именувавме како “предлог”, тој беше всушност услов; услов или услови под кои Северна Македонија ќе преговара за влез во ЕУ. И како таков, како преговарачка рамка, беше усвоен од сите земји членки на ЕУ. И под тој услов треба да следи, промена на уставот во делот на преамбулата за влез на Бугарите во уставот. Со други зборови, освен што сами се кочиме, ние се спротиставуваме на цела ЕУ и САД, зад превезот на “идентитетот”, а всушност инспирирани и водени од разни “светови” низ регионов. Кој во меѓувреме влегоа во истото сценарио.

Договорот што не се потпиша, а се постигна, “ќе стане составен дел на преговарачкиот процес за пристапување кон ЕУ на Косово и Србија”; што значи дека ќе влезе во нивните преговарачки рамки; што пак значи дека и Косово ќе стане кандидат за ЕУ; а што пак ќе значи дека сите членки на ЕУ треба да ги прифатат постоечката и идната преговарачка рамка. И тоа ќе бидат условите за двете земји.

Значи сепак има нешто “македонско” во преговорите во Охрид, освен убавите услови за преговори во кои Курти беше оставен сам да се бори против митот во кој ние мазохистички уживаме, додека жестоко се бориме за “идентитетот” против ЕУ(Бугарија), само што грешно го именуваме како “македонски”. Колку што е “македонско” сценариото за Србија, толку е “македонски” и идентитетот за кој наводно, наменски, се борат сите наши “наследени’ елити.

И двете имаат заеднички именител, ЕУ, како модел за спас. За некого спас на кариерата, а за некого спас на државата. Затоа што и со НАТО и ЕУ, “светот” не држи цврсто во прегратките, со голема помош на естаблишментот, а замислете без нив? Па, како што домаќините во Охрид, го поздравија договорот на соседите, со истата жестина да се посветат на истиот пат за нас кон ЕУ. И конечно да го напишат тој 1 амандман, за промена на уставот. И да престанат за момент, со итромански игри, па нели ги решаваме тешките спорови? Само никако да започнеме со најтешкиот спор, оној со самите себе и нашите внатрешни узурпатори. Кој во руво на патриот, кој во руво на европеец, кој во руво на професор, а кој во руво на аналитичар. А, сите од иста матрица, онаа која е единствено дозволена.

Слични Објави