| |

МАЛЕСКИ: МЕШАЊЕТО НА СОСЕДНИТЕ ЗЕМЈИ ВО СПОРОТ МЕЃУ СКОПЈЕ И СОФИЈА МОЖЕ ДА ГО ДЕСТАБИЛИЗИРА БАЛКАНОТ

„За нас на Балканот, фактот дека со НАТО и со ЕУ сме ставени под една наднационална контрола, не значи дека локалните ривалитети за влијание, изворот на несогласувања и конфликти, се сосема елиминирани. Железниот закон на меѓународните односи, имено, дека големите сили го шират своето влијание глобално, регионалните сили регионално а малите држави се во борба за свој опстанок, останува да важи. Како што гледаме, Македонија и натаму е предмет на натпревар за влијание на соседните регионални сили кои, по малку, наликува на времињата кога последната отоманска провинција во Европа стана јаболко на раздорот помеѓу Србија, Грција и Бугарија“, пишува проф. д-р Денко Малески во коментар објавен во Плусинфо.

„Најавата од македонскиот премиер за воведување на српскиот јазик во школите предизвика реакции од Бугарија по што следеше лавина реакции во српскиот печат. Само е прашање на време кога некоја официјална личност на Србија ќе одговори со сличен јазик. Се разбира, и Грција се вклучи во дебатата за влијание врз Македонија со изјави на свои политички претставници, последен од кои беше пратеникот Коѕијас кој како да сакаше да каже дека на Бугарија и фалат мускули за да го направи со Македонија она што и успеа на неговата земја. Забележувам дека зборовите кои се употребуваат се инфламаторни, токму како во минатото. Ништо страшно, ќе рече некој кој не разбира дека зборовите имаат значење и предизвикуваат последици. Ова се симптоми кои предупредуваат на можни идни посериозни регионални недоразбирања.

Она што е многу опасно е дека во позадината на овие ривалитети околу Северна Македонија е нерешениот спор со Бугарија. Балканските политичари мораат да внимаваат да не ги повторат грешките од минатото. Замешувањето на соседните земји и нивното земање страна, не само што не го решава спорот туку може да го дестабилизира Балканот. Вистинскиот пат за излез од кризата не е враќање кон некакви стари или замислени сојузи, а најмалку кон старите национализми“, дециден е Малески.



Слични Објави