МАЛЕСКИ: ПРАШУВААТ ЧИЈ Е ГОЦЕ БЕЗ ДА ПОЧУВСТВУВААТ ПОТРЕБА САМИТЕ ДА ПРОЧИТААТ

„Последниве денови одново забележувам група помлади македонски интелектуалци кои пронашле пат да го заобиколат гневот кој би го предизвикал нивниот став. Како? Па немаат став. Тие ќе ви пишуваат или зборуваат за нивниот оптимизам или песимизам во поглед на динамиката на решавањето на спорот со Бугарија или за состојбите во бугарското општество без да го кажат сопственото мислење за спорот. Од такви умови фајде нема. Има само штета, голема штета.

loading...

Некои од нив се протагонисти на тридецениската трагедија во спорот со Грција кога ваквото поведение ја закопа македонската држава во место, произведувајќи само залудно потрошени животи. Денес, чувствувам дека тој пристап кој почива врз зборови без вредност, врз празно брборење во полза на лична промоција, врз интелектуална мрзеливост и отсуство на храброста, одново се консолидира и набргу може да стане доминантен во домашниот дискурс околу Бугарија. Токсична за јавното мислење и погубна за прогресот на Македонија кон Европа е комбинацијата на овие интелектуалци со новинари чие омилено прашање последниве месеци е „Чиј е Гоце Делчев?“ без да почувствуваат потреба самите да прочитаат.

Двете групи интелектуалци ги обединува ставот дека слободата е само право а не и должност и напор. Сега кога сите информации им се достапни со еден клик на компјутер знаеме дека немаме работа со „добри умови“, со „интелигентната интелигенција“, како ја нарекува Ками, туку со опасни балкански умови кои замрсуваат и умртвуваат секоја жива мисла. „Глупава интелигенција“, вака ја нарекува Ками. Згора на тоа агресивна, мрзелива и страшлива.


loading...

Повод за овие редови се и изјавите на наши политичари дека не тие, туку „историчарите“ треба да го решат спорот со Бугарија. Зарем и тука не се поставува прашањето: Кои историчари, „интелигентните“ или „глупавите“? И што ако и „интелигентните“ одбиваат да го сторат тоа во време во кое ништо не се простува? Не, одговорноста за решавање на спорот е во политичарите. И тие имаат очи и знаат да читаат“, пишува проф. д-р Денко Малески во својата колумна „Страстите на една епоха која не простува ништо“, објавена во Плусинфо.