| |

МАНУ СО СВЕЧЕНА АКАДЕМИЈА ЈА ОДБЕЛЕЖА 20-ТАТА ГОДИШНИНА ОД СОЗДАВАЊЕТО НА ФОНДАЦИЈАТА „ТРИФУН КОСТОВСКИ“

Македонската академија на науките и уметностите со свечена академија ја одбележа 20-тата годишнина од основањето на Фондацијата „Трифун Костовски“ во рамките на МАНУ. Свечениот настан се оддржа во седиштето на МАНУ во Скопје.

Претседателот на МАНУ, академик Таки Фити го отвори одбележувањето на годишнината со свечен говор, посветен на претприемаштвото и филантропијата на г-нот Трифун Костовски и неговото семејство. Академикот Фити истакна дека Трифун Костовски е најголемиот донатор на МАНУ преку донираните од него неколку десетици милиони евра во времето во кое делува фондацијата.

Досега фондацијата на Трифун Костовски финансирала повеќе од 140 капитални дела на МАНУ, кои се со непроценлива вредност. Академик Таки Фити ја промовираше и делото „20 години Фондација Трифун Костовски во рамките на МАНУ“.

Еве и некои од најинтересните делови од обраќањето на г-н Трифун Костовски по повод одблежувањето на годишнината од создавањето на неговата фондација.

Она што за мене беше најголема лекција е дека дарувањето е, всушност, комплексен процес на взаемност. Дарувањето за мене значи длабока проникнувачка релационост со другиот, со заедницата, со ближниот, со различните светови, култури. На човека му е дадено да дарува, пред сѐ да се дарува себеси како личност, бидејќи тоа е единствениот начин да ја почувствува целата потполност на животот, на светот. Тоа е единствениот начин да раснеме, постојано да се подобруваме, да го заслужиме нашето постоење.

Токму затоа, за мене пријателството, взаемноста, заедничкото растење со исклучително даровитите и посветени творци кои се дел од Македонската академија на науките и уметностите е од многу комплексно значење. Ние сите имаме одговорност кон ова општество, кон оваа култура.

Затоа сакам да испратам порака и вон оваа свечена просторија, вон овој дом на сконцентрираното јадро на културниот, научниот и интелектуалниот кредибилитет – порака дека е нужно развивањето на филантропската култура, без која не може да се поткрепи ниту културното наследство ниту современата критичка културна и уметничка продукција.

Сметам дека културата, културното наследство, современата уметност, особено во нашата средина нема да може да опстои доколку не се започне со јасно зацртана мисија, која ќе го акцентира процесот на инетерсекторска соработка, што подразбира длабоко, конкретно, искрено филантропско инволвирање на бизнис заедницата во поддршката на актуелните културни процеси.

 



Слични Објави