Маричиќ: Задоволни сме од извештајот на ЕК, но не се опуштаме
„Задоволни сме од Извештајот на Европската комисија, но тоа не значи дека тука ќе застанеме, туку овој извештај треба да ни биде мотивација за да одбереме клучни облсати во кои би имале подобри оценки. Задоволни сме, но не е доволно за да се опуштаме и да не правиме ништо наредните 12 месеци“ изјави вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во „Топ тема“ на Телма.
Тој додаде дека вкупната оценка за подготвеност на добро ниво е задоволителна, имајќи предвид дека земјата се соочува со сериозна кризна година со нов состав на Владата, последиците од КОВИД, како и последиците од војната во Украина.
„Кризата не е изговор, туку реална пречка. Приоритетите на Владата беа фокусирани на менаџирање на последиците на кризата, но и во такви услови ги отворивме преговорите со Европската Унија и одржавме одредено темпо на континуитет на реформите. Тоа значи дека добро сме ја пребродиле кризната година“ рече Маричиќ.
Вицепремиерот додаде дека како држава треба да сме задоволни од оценките во кластерот за фундаментални вредности, каде што државата е позитивно оценета за спроведувањето на пописот, локалните избори, континуитетот во реформите во судството, како и добрите оценки за економијата поради доброто менаџирање на кризата.