Марјан од „ДоказМ“ ќе остане во затворот во Шутка, нови 30 дена притвор за да се заштитат жртвите
Нови 30 дена притвор му се одредени на Марјан Стаменковски, сопственик на веб-порталот „ДоказМ“, дознава „Макфакс“. Во притвор во истражниот затвор „Скопје“ во Шутка ќе остане до втората половина на март.
На ваквата мерка се противел Стаменковски, но жалбата која ја поднел од Кривичниот суд е одбиена како неоснована. Кривичниот совет при Кривичниот суд е дециден дека не може да му се определи поблага мерка на Стаменковски бидејќи тој може да се даде во бегство.
Продолжувањето на мерката притвор доаѓа откако скопското Обвинителство поднесе обвинение против Стаменковски за кривично дело уцена, но и за две кривични дела – ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, едно кривично дело – пиратерија на аудиовизуелно дело и кривично дело – злоупотреба на лични податоци.
„Така, во периодот од 10.01.2023 година до 02.02.2023, обвинетиот, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, му се заканувал на еден оштетен дека ќе открие нешто што може да му наштети на неговиот углед и чест. Преку социјална мрежа обвинетиот го контактирал оштетениот и го повикал на средба за да го уценува дека на веб порталот ќе објави приватни фотографии и информации за него доколку не му исплати парични средства. Откако оштетениот одбил средба, на интернет порталот биле објавени повеќе текстови за него, со кои обвинетиот наштетил на угледот и честа на оштетениот. На тој начин обвинетиот се обидел да стори кривично дело – Уцена“, објаснува Обвинителството за првото дело.
Обвинителството посочи дека продолжување на притворот е побарано за да се заштитат жртвите.
„Со оглед на тоа што се уште постојат основите заради кои претходно беше определен притворот, особено имајќи го предвид начинот на извршување на делата и потребата да се заштитат жртвите, кои во подолг временски период биле подложени на изразен говор на омраза и закани преку интернет порталот, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на притворската мерка“, додаде обвинителот.
Во скопското Обвинителство стигнуваат пријави и од други лица за извршени кривични дела.