|

Матрјошки

Криво ми е што не успеав да отидам на собиранката пред руската Амбасада во Скопје, организирана од Јанко Бачев и Влахов Мицов. Гледајќи ја иконографијата, ќе се вратев неколку години назад во времето кога… Не беее, јас никогаш не сум бил парадер како оние. Малку забеган по антиката- да, ама парадер… никогаш. Луѓето што му отидоа пред врата на амбасадорот Шчербак, за да му кажат колку им значи Русија, треба да си направат еден внатрешен попис. Колку од нивните блиски и далечни роднини имаат бугарски пасоши. Тоа е многу важно, бидејќи никој не вади бугарски пасош за да собира студ во Мурманск, туку го вади за да „црнчи“ низ „лошата“ Западна Европа, каде што е нормално педерите да се лапат во метро и жените да им маваат шамари на своите мажи пред угостителските објекти. Забегана работа нели? Златен Мурманск, ама таму дијаспорава наша е ептен тенка од кај квантитет, за квалитетот не смеам да коментирам, може имаме некој инжењер залутан во тој дел на светот…

Ги нема газено руска чизма демонстрантиве, ама ако нека се радуваат. Демократијата треба да трпи се што е симпатично па макар и да граничи со ноторно незнаење.

За жал демократијата трпи и други работи…

Дрво за секое дете!!! Дрво за сите дечиња, и за тие родените на „државно“ и за оние родените на „приватно“ со кредит на „урнебесно удобни за мама и тато рати“. Убав проект. Обезбеди и на својата иднина место каде да се сокрие и да се промоча на раат. И секое дете ќе си го знае дрвото позади кое мочка. Убавини. Ако на нашата иднина не и се отвори „административниот“ падобран и падне во депресија… си имаат дрва бе, нека се бесат на нив. Проектов си грми по сите параграфи. Нека мрчат колку сакаат оние што не успеа да се вработат „у Влада“ после Шарената.

Колку пари ќе се потрошат исто така не е важно. Поентата е форите од „Ден на дрвото“ да се продадат уште еднаш, ама овој пат во „бејби“ пакување.

Денеска прочитав дека градоначалникот на Куманово г-н Максим Димитриевски дал предлог да се изгради споменик во чест на американската фирма-посредник, што спаси повеќе од 10 илјади кумановци, од уживанцијата да партиципираат во една од „најдобрите економии во Европа според Дуинг бизнис“. Значи ете веќе имаме идеја како да им кажеме благодарам, на луѓето кои кумановци ги претворија во „афганистанци“. Дали на некој градоначалник ќе му текне да изгради и спомен обележје на бугарскиот пасош, како документ, што ги претвори Македонците во Европејци, останува да видиме.

Можам да си замислам колку убава е државната болница во Куманово, штом на кметот му текна да предлага трошење на пари за нешто толку непотребно како овој споменик.

Имаат пари, нека трошат. А ако снемаат, ќе ги кренат даноците и пак ќе имат. Што сте се уцвикале до толку?

Само Русија е спасот. Таму нема корупција, има природен гас и Путин е ист ко Тито. Владее и не мава рецка никому. Прав мушкарчина!!!

Русија ќе дојде и ќе ни ги среди училиштата, болниците и ќе не научи дека заеми се земаат за да се направи нешто што утре ќе даде некаков плод, а не за да се исплаќаат мизерни плати и пензии, за да не се буни рајата. Русија ќе ни каже како да го направиме тоа, а ние наредени до одбраните локации за идните дрва за сите деца, ќе висиме наредени како матројшки и ќе мавтаме со знаменца. Едното со сонцето од Кутлеш, а другото со боите на Француската револуција. Оти цело време додека еден по еден паѓаме како крушки, веруваме во Робеспиеровата утопија: liberte-egalite-fraternite, или кажано по нашки: слобода-еднаквост-братство.

Автор: Атанас Величков (Батко Тане)

Слични Објави