Мицкоски: Целосно се реконструирани оперативниот блок, интензивната нега и кровната конструкција на болницата „8-ми Септември“
Целосно се реконструирани оперативниот блок, интензивната нега, патологијата, клиничката лабораторија и кровната конструкција на болницата „8-ми Септември“, изјави премиерот, Христијан Мицкоски, кој денеска беше во посета на болницата. Тој најави дека реновираниот дел ќе биде пуштен во употреба за месец до два, кога ќе се заврши со дезинфицирање на објектот и обука на вработените со новата опрема којашто веќе е инсталирана.
„Она кое што сакам исто така да го кажам, а коешто можеби е значајно да се каже, е дека пред да се случи оваа реконструкција на овој објект, во овие операциони сали се влегуваше со чадор. Сигурно ќе поставите прашањето: Како со чадор? Кога врнеше, прокиснуваше, односно кровот течеше. Тоа што вие сега не можете да го видите, а коешто исто така опфаќа дел од оваа реконструкција, е целосното реконструирање на кровната конструкција, каде што се сместени клима-коморите коишто обезбедуваат третиран воздух, кондициониран со сите параметри — физички, влажност, чистота, притисок итн. Но, исто така, и оној дел каде што се практично сместени и чилерите и другата електромеханичка опрема, којашто е во подножјето на објектот“, рече Мицкоски.
Тој посака овие сали да се користат што помалку, односно да има помалку пациенти.
„Им посакувам да го користат што помалку — тоа значи што помалку пациенти. Но тие пациенти, коишто ќе имаат потреба од медицинска нега и од интервенција на медицинските работници, лекарите, да се чувствуваат комотно, да се чувствуваат пристојно овде во овие реновирани простории“, рече премиерот.

