МИЦКОСКИ ГО ЧЕСТИТА ДЕНОТ НА АРМИЈАТА

Вести Истакнато Македонија

Од мое лично име и од името на ВМРО-ДПМНЕ им го честитам 18-ти Август – Денот на Армијата на Република Македонија на сите припадници на Армијата.
Сакам да упатам честитка за вашата храброст и пожртвуваност со кои настапувате во сите ваши работни задачи во функција на одбраната на Република Македонија и мисиите во странство, каде нашата Армија рамо до рамо со армиите од демократскиот свет е стожер на мирот и безбедноста во светски рамки. Ние се гордееме со професионалноста на нашите војници, со нивната стручност и мотивираност за извршување на своите задачи кои ги исполнуваат највисоките НАТО стандарди и по ништо не се разликуваат од нивните колеги од земјите членки на Алијансата.

18-ти Август е денот кога во 1943 година на Славеј планина за првпат во историјата на Република Македонија е формирана првата организирана воена формација Баталјонот „Мирче Ацев“ составен од искрени патриоти, наследници на идејата на Илинденците кои преку НОБ ја ослободија Република Македонија од фашистичката окупација.
Чест е да се биде наследник на Илинденците и припадниците на НОБ, вие достојно ги наследивте.
Македонската Армија во текот на целото нејзино постоење е фактор на стабилност и институција со голема доверба кај граѓаните, верувам дека тоа и ќе остане така.

Мора да се води поголема сметка и грижа за припадниците на АРМ. Поддршката од државата, и обезбедувањето на основни услови за непречена работа мора да бидат приоритет. Вложувањето во АРМ е инвестиција во нашата сигурност. АРМ е симболот на нашата државност. И тоа мора да се запази и опстои.
Затоа е важна и одбраната на тој институционален идентитет како важен елемент на националниот идентитет на нашата држава и народ, загрозен со договорот кој го договори Македонската Влада. АРМ како и сите други институции во државата кој во себе го содржат зборот Македонија мора да продолжат да бидат носители и обележје на нашето постоење.

Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија дозволете ми уште еднаш да ви го честитам 18-ти Август, да ви изразам почит и благодарност за вашата работа, посветеност и пожртвуваност за Република Македонија, напиша Мицкоски на фејсбук.