Мицкоски го копа гробот на Македонија, времето ќе покаже
Пишува: Љупчо Куртелов/БГНЕС
Мицкоски уште еднаш кажа НЕ на „бугарскиот ултиматум“, всушност на „францускиот предлог“. Тој всушност кажа НЕ за иднината на Македонија.
По ваквата негова одлука, изгледите за нашата земја не се многу розеви. Напротив, во време кога целиот свет влегува во турбулентен период и „се преуредуваат картите“, би рекол дека стабилноста и самото постоење на Македонија се под знак прашалник. Продолжувањето на процесот на европска интеграција и соодветно членството во ЕУ ќе беа гаранција за нејзиниот опстанок во сегашните граници. Да не зборуваме за финансиската поддршка преку европските фондови.
Цврстото НЕ за „700-800 Бугари во Устав“ и Не за Европа не е одлука што е донесена во Скопје. Владејачката партија (анти)ВМРО-ДПМНЕ ги следи и ги спроведува упатствата на линијата Белград-Будимпешта-Москва, кои долгорочно водат до колапс на државата. Затоа што албанскиот политички субјект ќе започне процес за автономија на западниот дел, кој со тек на време би ескалирал до отцепување со тенденција за обединување со остатокот од албанските земји (Албанија+Косово).
Албанците сметаат дека со формирањето на границите на балканските држави им е нанесена штета и сега е времето да се исправи оваа неправда. Преродбеничките процеси што им се случија на другите балкански народи во 19 век, сега им се случуваат на Албанците.
Со доаѓањето на Трамп на власт, фокусот на Америка се префрли од Европа на Далечниот исток (конфронтација со Кина) и на тој начин се ажурираа идеите за Голема Албанија, Голема Србија и Голема Хрватска. Не мора да се биде генијалец за да се разбере дека во такво сценарио ништо нема да остане од Македонија и Босна и Херцеговина.
Имаме ли време и (последна) шанса за спас или да влегуваме во чамците за спасување од бродот што тоне?