Мицкоски и Таравари посетија повредени од пожарот во Кочани: „Се прават натчовечки напори, сите пациенти да закрепнат“
Денеска на Клиниката за пластична хирургија во посета на повредените пациенти од пожарот во Кочани беа министерот за здравство, Арбен Таравари заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и претставници на кризниот штаб.
„Денеска ги посетив повредените од трагичниот пожар во Кочани и присуствував на состанокот на кризниот штаб на Министерството за здравство. Им изразувам огромна благодарност на здравствените работници за нивната пожртвуваност, на соседните земји за поддршката и на сите кои помогнаа во овие тешки моменти. Борбата продолжува, а се прават натчовечки напори сите пациенти да закрепнат и да се вратат дома во добра здравствена состојба“, рече Мицкоски.
Од Министерството за здравство, пак, велат дека зравствениот систем е целосно мобилизиран со сите расположливи ресурси и капацитети во третманот и грижата за повредените лица од трагичниот настан.
Се додава дека состојбата на сите пациенти се следи континуирано и се спроведуваат конзилијарни одлуки за натамошниот третман.
