|

Мицкоски ќе ја реконструира партијата, па потоа Владата: Фокусирани сме на партискиот конгрес на 6 декември

Реконструкција на Владата нема да има пред партискиот конгрес на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, кој е закажан за 6 декември. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека откога ќе ја стокми партијата, ќе почне да размислува за одредени партиски поместувања во Владата, а набргу ги очекува и новите имиња за испразнетите места во Владата и во институциите по изборите.

 

„Очекувам за испразнетите места да добијам имиња најбргу што може, да видиме дали тие имиња се апсолутно во рамките на кои очекувам да бидат и тие имиња да ги пополнат испразнетите места во Владата и во институциите. Потоа ќе следува партискиот конгрес, редовен, потоа во рамките на партијата реконструкција и паралелно со тоа ќе почнат размислувањата за одредени ресори, институции и така натаму. Ова ќе биде процес што ќе трае, нема да биде од денес за утре“, рече премиерот Мицкоски денес на поставувањето камен-темелник за нов културен дом во Петровец.

Премиерот денес неколкупати повтори дека тој е мандатар и дека неговата одлука ќе биде последна и посочи дека е подготвен да разговара со сите во рамките на коалицијата откога завршат процесите во партијата.

„Сега сме фокусирани на редовниот конгрес, кој ќе биде на 6 декември во Кавадарци. Потоа, нормално, формирање на партиската структура, извршниот комитет, општинските комитети, другите структури, кои се во рамките на партијата, и во меѓувреме додека сето тоа трае, ќе размислуваме за одредени партиски поместувања во рамките на Владата. Јас сум подготвен да разговарам со секого во рамките на коалицијата, но, се разбира, мандатар сум јас. Нормално е дека последниот збор ќе го имам јас“, рече премиерот Мицкоски.

За Беким Сали, кого „Вреди“ веќе го посочи како кандидат за вицепремиерското место наместо Изет Меџити, Мицкоски рече дека има апсолутно високо мислење.

Текстот Мицкоски ќе ја реконструира партијата, па потоа Владата: Фокусирани сме на партискиот конгрес на 6 декември е превземен од МАКФАКС.

Слични Објави