Мицкоски по обвинувањата на Ковачевски: Веднаш да достави докази, ако е така се повлекувам од политиката
Кога човек е слаб, немоќен и кукавица тогаш за да се прикаже жртва го вовлекува своето семејство, вели првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по обвинувањето од премиерот Димитар Ковачевски дека тој наредувал недолични напади врз неговата сопруга и неговата ќерка.
Мицкоски коментира дека сите кој го познаваат знаат дека тоа не е негова одлика и станува збор за безочна лага.
Го повикува премиерот Ковачевски веднаш до обвинителство да достави докази и да ги покаже јавно, а доколку тоа е така како што тврди, тој веднаш ќе се повлече од политиката.
„Доколку тоа не го стори многумина ќе очекуваат да го тужам и правдата за оваа лоша лага да ја барам на суд…, но тоа нема да го сторам…, овој човек што го вовлекува своето семејство не заслужува такво внимание, поради што и сум и вистински згрозен.
Воедно јас нема себе си да се прикажувам за жртва поради тоа што на моето семејство му се доделуваат невкусни ептитети и тоа токму од инсталициите на власта, оние кои управуваат медиуми и тие кои добиваат пари од истите, тоа што се инволвираат членови на моето семејсво во црна кампања, мојата сопруга, мајка, татко, сестра, тоа што се подметнува наводно скриен имот кој не е мој итн, итн. Јас нема да говорам за сето ова, зошто мојата решеност да одам до крај и да се борам за иднината е поголема од секоја нивна слабост и подмолност.
А вам две дами Ковачевски, не Ве познавам и сакам од срце да ви се извинам што морате ова да го читате. Имате мој поклон до земја. Со ништо не сум сторил нити ќе сторам да ја повредам вашата чест и достоинство, ниту на памет ми паднало семејства да вовлекувам во дневна политика. Ви посакувам бескрајно многу здравје и сила ова да го издржите. Знам што е да си сопруг и родител и јас за моето семејство ќе сторам се во животот, затоа го почитувам секое друго семејство затоа што знам дека тоа му значи на некого онолку колку моето мене ми значи, а ми значи СЕ на светот“, наведе Мицкоски во статус на социјалните мрежи.