| |

МИЦКОСКИ ПОЧНА ДА ГО ГРАДИ СВОЈОТ КУЛТ КОН ЛИЧНОСТА

Се крстеа во Љубчо, пееја песни за Никола (некои и го тетовираа), а денеска и Христијан ја стави првата цигла во градењето на својот „патриотски“ имиџ. Вчера клетото Американче Вес Мичел му напиша писмо, а денеска гордото Македонче Христијан Мицкоски му врати.

ВМРОвски е да не се остане должен, нели, г-не Мицкоски, но за среќа вие сте многу далеку од ВМРО. Вие не ни знаете што значи ВМРО. ВМРО е столбот на идејата за македонската државност. ВМРО е верба, морал, родољубие и одговорност. Добро е што во моментов се наоѓате многу далеку од овие нешта, и го потврдувате мојот став. Од денеска и официјално можете да се сметате за херој во очите на оние антиевропски, антиамерикански и нема да згрешам ако речам антимакедонски структури во вашата партија. До каде ќе ве донесе овој Ваш „патриотизам“ не знам, но сум сигурен дека истиот ќе им се допадне на Мирка, Пандов и Миленко.

Јас силно се надевав дека времето на порнонационализмот што го проповеда оваа „тројка“ е минато за Вашата партија, ама сум се излажал. Тој сè уште пали кај мнозинството од Вашите луѓе. Знам дека најважниот клуч во Вашата партија не е кај вас, туку кај Почетниот претседател, но не верувам дека овој факт ќе биде прифатен утре кога ќе треба да се оправдувате за facebook писмото што денеска му го напишавте на помошникот државен секретар Мичел. Дали можете истото тоа писмо да ни го покажете во неговата англиска верзија? Го испративте ли навистина или форава со долгиот facebook статус на Вашата фан страна е да добиете поен плус кај „најтврдокорните“ членови на Вашата партија? Ако Влатко Ѓорчев Ви ја договорил „препискава“ со Мичел, во деновиве додека се фалеше на facebook дека тркнал до ЈуЕсЕј, тогаш Вие не само што сте математичар, но сте и генијалец и Ви предвидувам блескава иднина на македонската политичка сцена. Баш на таа сцена почнаа да играат некои нови играчи и ќе Ви биде интересно. Ако целата игра околу писмата е „наредена“, со цел да излезете од сенката на Вашиот ментор Груевски, тогаш навистина сте на прав пат… бате Геле ќе треба да бара место за нова тетоважа, овој пат со Вашиот лик и безвременските брадиче и фризура „еже“.

Во 1934 г. „контроверзниот“ Ванчо Михајлов ја распуштил Организацијата за да не ја удави во крв до колена Македонија. Направил компромис во името на животите на многу луѓе (меѓу кои и мојот прадедо Глиго, кој бил припадник на селска милиција на Организацијата во периодот 1923-1925 ). Вие не ми личите на толку одговорен политичар, а не знам дали ќе имате време да се научите на одговорност. Му „рипнавте“ на Американецот и тоа е супер за внатрешна употреба пред некоја зачадена кооперација за муабет со патриоти од „миленков“ тип, ама мене тоа не ме ни чуди,  тоа е Вашата таргет група. Тоа е гласачот што Вие го барате. Проблемите за Вас ќе дојдат, ако по некаква случајност се најдете на премиерската позиција во Македонија. Да ве потсетам дека сте далеку од мангуплукот на Орбан и немате капацитет за да мерите знаете што со „лошата“ Европа. Ако писмото не е договорено пукање во празно со цел замајување на јавноста дека ќе останете „патриоти“ до крај… се плашам дека ќе ја споделите судбината на Иванов.

Се надевам дека Мицкоски ужива во своите 5 минути слава. Денеска тој и покажа заби на Америка, а утре можеби и на целата галаксија… „повмровско“ однесување од тоа- амин.

PS: Мицко Војвода почна да го гради својот култ кон личноста… навикнавме веќе на тие појави, затоа искрено му посакувам успех.

Автор: Батко Тане

 



Слични Објави