НЕВАКЦИНИРАНИТЕ ДЕЦА НЕ СМЕАТ ВО ГРАДИНКА
Комисијата за заразни болести денеска донесе заклучок да се прогласи епидемија на морбили (мали сипаници) на територија на цела Република Македонија.
Донесени препораки и мерки за спречување на натамошно ширење на епидемијата се:
– Строго почитување на мерката за забрана на посета на градинки на невакцинирани деца со МРП на територија на цела држава;
– Забрана за посети во стационарни здравствени установи во целата држава;
– Почитување на протоколот за движење на пациентите со симптоми на мали сипаници со цел да се намали оптоварувањето на Клиниката за инфективни болести и Клиниката за детски болести, и да се намали стапката на интра-хоспитално ширење на инфекцијата;
– Сите невакцинирани здравствени работници задолжително да бидат вакцинирани со две дози на МРП;
– На сите воспитувачки и наставнички од предучилишните установи задолжително да им се провери нивниот вакцинален статус и да се вакцинираат доколку не се вакцинирани;
– Да се понуди дополнителна вакцинација со МРП за сите невакцинирани, некомплетно вакцинирани и лица без доказ за вакцинација кои се постари од 14, а помлади од 60 години;
– Да се организира два пати во неделата работа во две смени на Службите за вакцинација во рамките на Здравствените домови во целата држава, со цел полесна достапност на вакцинација на децата;
– Службите за вакцинација на неделно ниво да доставуваат податоци до ДСЗИ за деца кои не се јавиле на доставените покани за вакцинација.
