ВО ВЧЕРАШНИОТ ГРАБЕЖ ВО ЕКСПОЗИТУРАТА НА НЛБ ТУТУНСКА БАНКА УКРАДЕНИ 150 ИЛЈАДИ ЕВРА

Во грабежот што се случи вчера во експозитура на НЛБ Банка во Чаир се украдени 150.000 евра. Од банката соопштија дека тројцата повредени се во добра состојба и се пуштени на домашно лекување.

„По вчерашниот вооружен грабеж што се случи во 10.36 минути во експозитурата на НЛБ Банка во Чаир, би сакале да ве информираме дека клиентите и вработените на Банката се безбедни и во добра состојба. Двајцата вработени во експозитурата кои беа полесно повредени се пуштени на домашно лекување. Дополнително работникот на обезбедување кој, исто така, беше повреден при грабежот по укажаната лекарска помош е добро и е пуштен на домашно лекување“, соопштија од НЛБ Банка.

Експозитурата во Чаир сè уште не е отворена, а со работа ќе почне од утре, 17 април.

„Банката продолжува да работи редовно и да соработува со надлежните органи за најбрзо и ефикасно решавање на случајот“, се вели во соопштението.