| |

Мицотакис: Употребата на уставното име на РСМ е задолжителна и за тоа не може да се преговара

„Употребата на уставното име на Северна Македонија, ерга омнес, е фундаментална, врз основа на договорот од Преспа и за тоа не може да се преговара“. Ова го изјави грчкиот премиер Киријакос Мицотакис. Неговите зборови дојдоа за време на дискусијата во Вашингтон со поранешниот американски амбасадор во Атина, Даниел Спекхарт, објави Катимерини, пренесува БГНЕС.

Мицотакис рече дека проблемот на Балканот е што многу често сеништето на национализмот се крева кога тоа никој не го очекува. Давајќи ја како пример Северна Македонија, грчкиот премиер истакна дека РСМ „денес е членка на НАТО затоа што Грција го укина ветото по Договорот од Преспа што го потпиша и ратификува претходната влада“.

„Јасно кажавме дека ова е меѓународен договор што ја обврзува земјата. Тоа го почитувавме и јас го почитувам. Еден од главните, ако не и најголемиот аспект на овој договор беше поврзан со името Северна Македонија што се користи ерга омнес. И ова нешто е многу јасно за Грција и не може да се преговара“, додаде Мицотакис.

„Кога слушам дека новата влада ја нарекува државата Република Македонија во државата, имам сериозна загриженост. И ова е тема што имам намера да ја истражувам. Тоа не е конструктивно и не помага на европскиот пат на Северна Македонија“, рече премиерот.

Слични Објави