Михаил Думбалаков за комитата Костадин Иванов-Оревчето
Весникот на Михаил Думбалаков „Бугарски југ“ со напис за деецот на ВМОРО Костадин Иванов-Оревчето од с. Календра, Серско.
Костадин (Динката) Иванов, наречен и со прекарот Оревчето, е роден во 1876 година во с. Календра, Серско. Тој пораснал во времето кога македонската револуционерна идеја сè повеќе го зафаќала бунтовниот дух и ум не само на поразбудените бугарски робови, туку и на широките народни слоеви.
Појавувањето на Гоце Делчев во кукушко, демирхисарско и серско целосно го определува патот и на Динката, во чија куќа во Календра револуционерниот водач, преправен ту како арнаутин, ту како селанец, често се задржувал да преноќи. Околу својата 23-та година Оревчето веќе бил активен, заколнат бунтовник.
При ликвидацијата на тројца мачители арнаути, чувари на чифликот на Акил-бег кај Кавакли во 1901 година, учество зел и Оревчето. Осомничен од турската власт, тој и неговата млада бремена сопруга Фота биле уапсени во серскиот затвор, каде што несреќната жена престојувала три месеци, а тој повеќе од една година. И покрај мачењата со жици под ноктите, тврдокорниот револуционер не признал ништо — ниту за себе, ниту открил организациски тајни.
Некaква амнестија му ја вратила слободата, но од тој момент Динката станал веќе нелегален и ревносен соработник на апостолот Делчев, извршувајќи разни задачи што му ги доверувал по населените места на Струмската рамнина и планина — час како месен војвода со чета, час сам како организатор и проверител на организациското оружје.
На фаталниот датум 21 април, Костадин Орехчето се наоѓал во составот на Гоцевата чета во с. Баница. Нападот на аскерот, кој го опколил селото, против малубројните луѓе на војводите Делчев, Г. Граделијата и Д. Гоштанов, ги натерал револуционерите да укажат јуначки отпор. По убиството на големиот македонски револуционерен водач, Оревчето ги повел малкуте останати живи четници кон смрт или ослободување низ турскиот кордон. Со бомби си го пробиле патот, но Оревчето скапо ја платил таа своја храброст — поради повреда, ослепел на едното око…

