| |

МИЛОШОСКИ: ПОПИСОТ ДА СЕ ОДЛОЖИ ЗА СЕПТЕМВРИ

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ бара пописот да се одложи за септември, а во таа насока Собранието да закаже итна седница за да може да се интервенира во законот за самото одлагање.

Пратеникот Антонијо Милошоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ смета дека одлагањето е неопходно пред сѐ од здравствени и епидемиолошки причини и дека нема услови да се одржи безбеден и веродостоен попис кој што би дал соодветни и релевантни податоци.

„Сите држави во регионот, во Европа, ќе набројам неколку, Ирска, Србија, Германија, Хрватска, Албанија, Бугарија, Романија и многу други ги одложија пописите токму од овие причини затоа што сакаат да го заштитат здравјето на населението, а во подобри услови да одржат попис кој што би дал релевантни податоци. Според нас, човечки и хумано е на толку многу заболени и на превисока смртност, приоритет за имунизација да се даде и да имаат медицинските лица, хронично болните лица и потоа сите други останати. Секој друг редослед или приоритет би значел давање предност на политиката наместо на човечноста во медицината“, рече Милошоски.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ смета дека здравјето на луѓето треба да биде на прво место, а политичките и владините договори да бидат секундарни во овој поглед бидејќи, како што рече, животот нема реприза.

„Уште еднаш ќе повторам, повикуваме од страна на Владата и владејачкото мнозинство да закажат итна седница за да може законски да се интервенира и да се измени Законот за попис на населението со тоа што ќе се одложи за септември, како најран можен месец за одржување на попис под услов во месеците кои се пред нас да има сериозен и динамичен процес на имунизација“, рече Милошоски.



Слични Објави