МИЛОВАН ДРЕЦУН ГИ ОБВИНУВА БУГАРИЈА МАКЕДОНИЈА И ГЕРМАНИЈА ДЕКА РАБОТАТ ЗА СОЗДАВАЊЕТО НА ГОЛЕМА АЛБАНИЈА

Претседателот на парламентарниот комитет за Косово, Милован Дрецун, ја обвини Бугарија дека преку своето разузнавање го дестабилизира регионот. Ова е уште една скандалозна изјава на официјални функционери од Белград против Бугарија во последните десет дена.

Во интервју за весникот „Курир“ Дрецун вели дека „пред два месеци во Скопје е формиран моќен разузнавачки тим кој работи прикриено во една голема западноевропска фабрика за автомобили“. „Неговата цел е да биде блокирано постигнувањето на компромисно решение меѓу Белград и Приштина. Во овој тим работат разузнавачи од Бугарија, Северна Македонија, Германија и Албанија“, тврди уште Дрецун, кој се смета за еден од најблиските на претседателот Александар Вучиќ и Министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ.

„Во одделни соседни држави се води моќна кампања против постигнување на какво и да е компромисно решение меѓу Белград и Приштина. Скопје се претвора во моќен разузнавачки центар за работа против државните интереси на Србија“, вели уште Милован Дрецун и додава: „Секое компромисно решение е главен стабилизирачки столб во регионот. Недостатокот на компромис меѓу Белград и Приштина е подготовка за нови судири во регионот и создавање на „Голема Албанија“.