|

Министерот Алиу апелира: Граѓаните да пријават евентуални неправилности во врска со кардиолошките интервенции

Министерството за здравство ги повикува граѓаните да пријават евентуални неправилности во вршењето кардиолошки и кардиоваскуларни интервенции преку алатката „Пријавете неправилност“, достапна на веб-страницата на МЗ: линк.

„Транспарентноста во секој процес е наш приоритет, така што кон секоја пријава на каква било неправилност во здравствениот систем пристапуваме со максимална одговорност и постапуваме согласно законските процедури. Токму затоа потсетувам дека преку оваа алатка на веб страницата на Министерството, граѓаните можат да пријават и сознанија за евентуални неправилности во врска со кардиолошките интервенции. Министерството за здравство останува посветено на унапредување на здравствениот систем, а наш приоритет е здравјето и безбедноста на пациентите“, изјави министерот за здравство, Азир Алиу.

Од Министерството нагласуваат дека пријавувањето е доверливо и по секоја пријава се постапува согласно законските процедури.

Во меѓувреме, веќе е формирана интерна комисија задолжена за изготвување прелиминарна анализа на кардиолошките и кардиоваскуларните интервенции во здравствените установи низ државата. Наодите од оваа анализа ќе бидат доставени до стручна комисија составена од странски експерти.

Покрај тоа, Министерството испратило допис до јавните здравствени установи за доставување податоци за вкупниот број извршени процедури и операции во периодот јануари 2022 – август 2025 година. Станува збор за интервенции како коронарографии и стентирања, васкуларни ангиографии, како и кардиохируршки и васкуларни операции.



Слични Објави