|

МОН: Сите ученици ќе имаат учебници на почетокот на учебната година

Сите ученици ќе ги добијат потребните учебници на самиот почеток од новата учебна година и тоа по сите предмети, согласно наставните планови за соодветните одделенија, соопшти Министерството за образование и наука (МОН).

Од Министерството истакнуваат дека втора година по ред печатењето и испораката на учебниците се реализира навремено, а секое училиште ќе го добие тиражот кој претходно го има побарано преку електронската апликација на МОН.

„Обезбедени се и учебници по странските јазици, за прв пат после седум години во кои недостигаа, а наставниците и учениците самостојно се снаоѓаа со литература. Нови учебници со унапредена содржина има и за седмо одделение во основното образование и за прва година во гимназиско образование, каде започнува примената на нови наставни програми. Над 100 нови наслови ќе бидат достапни и за учениците од средните стручни училишта“, велат од МОН.

Од ресорот потсетуваат дека изработката, печатењето и испораката на учебниците долго време претставувале сериозен предизвик, но дека ова прашање е системски решено со новиот Закон за учебници, во чија подготовка биле вклучени сите засегнати чинители – автори, рецензенти, како и издавачките куќи во државата.

„Сите надлежни институции, органи и тела кои учествуваат во постапката за обезбедување на учебници, доследно и навремено ги исполнија своите должности. Министерството за образование и наука изразува благодарност и повикува заедничкото делување за обезбедување на подобро образование да продолжи и понатаму. Учебниците се основен услов за квалитетен воспитно–образовен процес“, се додава во соопштението на МОН.

Слични Објави