Министерот за туризам на Бугарија, Илин Димитров: Расте интересот на светските туроператори за Бугарија
Интересот на светските туроператори за Бугарија значително се зголемува, изјави министерот за туризам Илин Димитров за Нова телевизија, пренесува БТА.
Тој објасни дека за време на саемот во Лондон, на кој присуствувал, се сретнал со петте најголеми туроператори, кои му потврдиле дека интересот за Бугарија расте.
„Нè сметаат за безбедна дестинација. Нудиме добар сооднос меѓу цената и квалитетот. Додека земјите околу нас драстично ги зголемуваат цените, ние нудиме квалитет по достапна цена. Во Шпанија и Италија има прекумерен туризам, но кај нас тоа не е случај“, посочи министерот.
Според него, нападите со дронови во Црното Море не му нанеле штета на угледот на бугарскиот туризам.
Димитров истакна дека во Бугарија има и ценовно достапни дестинации и места со висококвалитетна туристичка понуда, па секој посетител може да процени каде да оди и колку да плати.
Во врска со изминатата летна сезона, тој рече дека претходната власт во јануари не успеала да се справи со еден важен проблем.
„Еден од големите германски туроператори влезе во спор со авиопревозник и така изгубивме 220.000 авионски седишта. Германските туристи доаѓаат порано, хотелите се отвораат порано, а со тоа доаѓаат и други категории туристи. Направивме сè што можевме за да ја спасиме оваа сезона. Според бројот на туристи, таа е слична на минатогодишната, но приходите се повисоки за 19 проценти. Во земјите околу нас состојбата е многу посериозна – цените се повисоки, а одливот на туристи е поголем, додека Бугарија останува стабилна“, нагласи Димитров.
Тој објасни дека во буџетот за следната година средствата за маркетинг и рекламирање на туризмот се удвојуваат. Според него, секое потрошено евро треба да донесе поврат од 20 евра.
„Нашиот фокус е да привлечеме туристи од средниот и високиот сегмент“, додаде Димитров.
Министерот најави и дека во угостителските објекти, рестораните, баровите, хотелите, музеите и туристичките знаменитости ќе има QR-код преку кој посетителите ќе можат да ја оценат понудата.
Тој додаде дека секој градоначалник ќе треба да насочува 50 проценти од приходите од туристичката такса за рекламирање и подобрување на авиоповрзаноста.
Димитров рече и дека нема прашања во врска со безбедноста при одржувањето на „Евровизија“.
„Ова е многу важен настан за нашата земја и ќе бидеме во фокусот на Европа. Работиме на тоа да ја покажеме убавината на Бугарија“, додаде тој.
