Младенов: Примирјето меѓу Израел и „Хамас“ се почитува, но е „далеку од совршено“
Примирјето меѓу Израел и „Хамас“ во Појасот Газа се почитува, но е „далеку од совршено“. Тоа го изјави врховниот претставник на Советот за мир за Газа, бугарскиот дипломат Николај Младенов, јавува АФП, пренесува БГНЕС.
„Ако погледнеме кон десетиците милиони тони урнатини што треба да бидат отстранети, кон бројот на луѓе — повеќе од еден милион лица кои имаат потреба од некаков вид постојано засолниште, како и од основни услуги за водоснабдување и канализација — тоа, според сите мерки, е работа за цела една генерација во Газа“, изјави Младенов.
Според него, од „Хамас“ не се бара „да исчезне како политичко движење“, но организацијата мора да биде разоружана.
Младенов е во посета на Ерусалим, каде што се сретна со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Бугарскиот дипломат претходната средба ја оцени како „позитивна и содржајна“, при што, според неговите зборови, двете страни ја потврдиле својата посветеност на планот од 20 точки на американскиот претседател Доналд Трамп за повоена Газа, во услови на продолжени преговори за разоружување на „Хамас“.
Во моментов, територијата на енклавата е приближно поделена под контролата на Израел и „Хамас“.
Советот за мир, задолжен за управувањето со повоена Газа, му даде рок на „Хамас“ до 11 април да го прифати предлогот за постепено предавање на целото оружје, но организацијата во голема мера ги отфрли барањата.
Наместо тоа, палестинската групација доставила контрапредлог до Советот за мир, инсистирајќи прашањето за нејзиното оружје да биде разгледувано единствено во рамки на процес што би довел до создавање палестинска држава — перспектива што е неприфатлива за израелската влада.
