Млади ќе развиваат идеи за иднината на Софија во проѕирни „инкубатори“ во центарот на градот
Млади на возраст од 18 до 29 години ќе развиваат идеи за подобар, позелен и попристапен град во проѕирни контејнери поставени на некои од најфреквентните локации во центарот на Софија. Иницијативата „ГРАДители“ ќе се одржи од 16 до 18 октомври, а пријавувањето е отворено до 13 септември, јавува Actualno.com.
„Инкубаторите“ за идеи ќе бидат поставени кај Националниот дворец на културата, во Градската градина и кај Орлов мост, во близина на езерото „Аријана“.
Организатор на проектот е Асоцијацијата на бугарските лидери и претприемачи ABLE, со поддршка од Општина Софија. Меѓу партнерите е и телекомуникациската компанија Yettel.
Во текот на 48 часа учесниците ќе работат во тимови, со поддршка од претприемачи и експерти, на решенија за конкретни предизвици во урбаната средина. Целта е да се поттикнат креативноста и претприемачкото размислување и да се создадат идеи со можност за практична примена.
Кандидатите може да се пријават индивидуално или во тим, а иницијативата е наменета за млади со интерес за претприемништво, иновации, технологии, архитектура, дизајн, одржлив развој и општествени каузи.
По прелиминарната селекција, учесниците ќе формираат тимови и ќе работат со ментори од бизнис-секторот, невладините организации и јавната администрација. Победниците ќе добијат награда од 5.000 евра.
Натпреварот е поделен во три категории – „Зелен град“, за решенија за поодржлива урбана средина, „Паметен град“, за иновации и технологии во корист на граѓаните, и „Пристапен град“, за подобрување на пристапноста, движењето и ориентацијата во градската средина.
Од Yettel наведуваат дека пристапноста е еден од приоритетите во стратегијата за одржлив развој на компанијата. Менаџерката за одржлив развој Маргита Колчева ќе учествува како ментор и ќе ги поддржува младите во развивањето применливи решенија за поинклузивен град.
„Кога зборуваме за пристапен град, најважно е да не размислуваме само од сопственото искуство, туку и да се запрашаме што им е потребно на луѓето за кои движењето и ориентирањето во градската средина не е толку лесно“, изјави Колчева.
Според неа, иницијативата им овозможува на младите да ја погледнат Софија од перспектива на луѓето со различни потреби и да предложат решенија што би можеле да го олеснат секојдневието на поширок круг граѓани.
„Верувам дека со вистинската поддршка една смела идеја може да се претвори во вистинска промена“, додаде таа.
На почетокот на годинава Yettel воведе специјални тактилни ленти во дел од својата продажна мрежа, а со такво решение веќе располагаат близу 30 продавници во различни градови. Релјефните елементи им помагаат на слепите и слабовидните лица полесно и побезбедно да се ориентираат од влезот до местото каде што можат да бидат пречекани од консултант.
Компанијата спроведува и обуки за вработените за работа со клиенти со различни попречености, а пристапот за лица со ограничена подвижност го подобрува преку пошироки влезови, рампи и повеќе простор за движење во продавниците.
Со проектот „ГРАДители“, ABLE најавува создавање платформа што ќе ги поврзува младите, експертите, бизнисот и институциите во развивањето практични решенија за позелени, попаметни и попристапни градови.
