| |

Фитнес шампионат во Софија ќе обедини над 320 спортисти од Бугарија и Европа

Над 320 спортисти од Бугарија и Европа ќе учествуваат на Bulgaria Fitness Championship 2026, кој од 11 до 13 септември ќе се одржи во Јужниот парк во Софија, јавува Actualno.com.

Натпреварувањето ќе трае три дена, од утринските до вечерните часови, а учесниците ќе се соочат со различни физички предизвици. Организаторите очекуваат повеќе од 4.000 гледачи дневно.

За натпреварувачите е изградена арена со површина од 500 квадратни метри, додека за публиката се предвидени повеќе од 5.000 квадратни метри простор. Вкупниот награден фонд изнесува 7.000 евра.

Зад организацијата на настанот стојат CrossFire, Soldier Fit и CrossFit 681, кои досега организирале повеќе од 10 спортски натпревари и над 20 спортски кампови во Бугарија и во странство.

Дел од тренерите на CrossFire ја претставувале Бугарија и на CrossFit Games во Соединетите Американски Држави, а искуство стекнувале и на големи натпреварувања во Велика Британија, Дубаи, Кипар и на Балканот.

Историјата на Bulgaria Fitness Championship започнува во 2020 година во Перник, кога на натпреварот учествувале повеќе од 160 спортисти, а настанот го следеле над 800 гледачи.

Една година подоцна бројот на учесници се зголемил на околу 200, по што организаторите одлучиле форматот во 2026 година да биде проширен на три дена и бројот на натпреварувачи да надмине 320.

Концептот на натпреварувањето е изграден околу мотото „United in Movement“, со идеја да ги поттикне луѓето да бидат физички активни, да ги надминуваат сопствените граници и постојано да ги подобруваат своите способности.

Во текот на трите дена во Јужниот парк, спортистите ќе се борат за пласман и награди, а организаторите очекуваат настанот дополнително да се позиционира меѓу поголемите фитнес натпреварувања во Бугарија.



Слични Објави