| |

МНР на Бугарија: Ја поздравуваме усвоената резолуција на ЕП за напредокот на РС Македонија

Министерството за надворешни работи ја поздравува усвоената резолуција од Европскиот парламент со убедливо мнозинство, со која се избегнува вклучување на институцијата во обиди за политичка инструментализација од страна на Република Северна Македонија, насочени кон заобиколување на обврските што произлегуваат од т.н. Европски компромис од 2022 година, се вели во позициjaта на бугарското Министерство за надворешни работи, по денешното гласање на извештајот за напредокот на РС Македонија во Европскиот парламент.

Во контекст на проширувањето на Европската Унија, прашањата поврзани со идентитетот и јазикот треба да се разгледуваат во рамки на научниот и академскиот дискурс, бидејќи по својата суштина тие не се предмет на институционална оценка на напредокот на земјите кандидати според објективните и мерливи критериуми за пристапување.

Со својата одлука, Европскиот парламент ја потврди својата улога како непристрасен и независен орган ангажиран со следење на реформскиот напредок на Република Северна Македонија. Особено значење имаат констатациите во областа на владеењето на правото, заштитата на основните права и слободи, функционирањето на демократските институции, спроведувањето на клучни реформи, исполнувањето на договорните обврски, како и влијанието на надворешни актери. Токму овие аспекти треба да бидат во фокусот на напорите на властите во Скопје, доколку целта останува трајна европска интеграција.

Република Бугарија последователно ја поддржува европската перспектива на сите држави од регионот на Западен Балкан, врз основа на објективните критериуми за членство и строго применување на принципот на сопствени заслуги. Отстапувањата од воспоставената условност, како и обидите за користење на европските институции за постигнување на краткорочни внатрешнополитички цели, не само што го забавуваат процесот на пристапување, туку и го поткопуваат меѓусебното доверие меѓу државите во регионот. Тоа има негативно влијание врз добрососедските односи, кои претставуваат хоризонтален и незаменлив елемент од процесот на пристапување во Европската Унија, стои во позицијата на бугарското МНР.



Слични Објави