МНР на Бугарија: Властите во Скопје да покажат политичка храброст и да започнат со исполнување на обврските
Недозволиво е изјавата за грижа за основните права на одредена заедница да се користи како изговор за неосновани и навредливи напади врз земја членка на Европската унија. Изјавата на премиерот на РСМ уште еднаш јасно го покажува вистинскиот однос на Скопје кон главните вредности на ЕУ и отфрлањето на правото да реагира на постоечките дефицити.
Ова се наведува во ставот на бугарското Министерство за надворешни работи во врска со изјавата на премиерот на Северна Македонија пред Советот на Европа. „Секоја аналогија со страдањето на украинскиот народ во сегашната неоправдана војна на Русија е цинична и неприфатлива“, нагласуваат од МНР.
Европската перспектива на Република Северна Македонија минува низ строго придржување кон европскиот механизам воспоставен во јули 2022 година. Обидите да се оттргне вниманието на јавноста од недостатокот на волја за исполнување на преземените обврски не се продуктивни и се разликуваат од декларираната желба на Скопје да изгради добро- соседски односи.
Посебно вознемирувачка во изјавата на премиерот Ковачевски е сугестијата дека доколку Северна Македонија не ги продолжи преговорите за пристапување во ЕУ, тоа ќе има негативно влијание врз Албанија. Бугарија постојано ја поддржува европската интеграција на сите земји од Западен Балкан врз основа на нивните сопствени заслуги. За разлика од Северна Македонија, Албанија целосно ги отвори пристапните преговори и брзината со која ќе напредува зависи исклучиво од нејзиниот напредок во реформскиот процес.
Ги повикуваме властите во Скопје да покажат политичка храброст и да започнат со исполнување на обврските што ги презедоа пред сите земји-членки на ЕУ за завршување на фазата на отворање на пристапните преговори. Одговорноста за европската иднина на Северна Македонија е во нејзини раце, нагласуваат од МНР.