МНР со најстрога осуда за најновиот напад врз бугарскиот клуб „Цар Борис III“ во Охрид

//

Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија најстрого го осуди најновиот напад врз бугарскиот клуб „Цар Борис III“ во Охрид. Од Министерството го нарекуваат нападот „вандалски чин“.  Во соопштението, МНР го нарекува клубот „граѓански“.

„Особено загрижува фактот што овие вандалски активности се повторуваат во многу краток период, имајќи предвид дека пред само неколку дена, на 20 ноември, бевме сведоци на уште еден вандалски чин кога беше оштетен излогот на клубот. Ваквите настани се целосно неприфатливи, можат да загрозат човечки животи, и ги засилуваат ретроградните процеси кои се во спротивност со европските интеграции на земјава.  Ги повикуваме надлежните институции да ги истражат околностите под кои се случија овие вандалски активности и да преземат итни мерки за откривање на сторителите, како и да преземат дополнителни превентивни активности со цел да се обезбедат соодветни услови за непречено одвивање на активностите на овој и сите други граѓански клубови и здруженија во земјава. Сите граѓани на Република Северна Македонија имаат еднаква слобода на здружување заради остварување на нивните права и уверувања, што преставува и законски и уставно загарантирани човечки, граѓански права и слободи – државата како веродостоен кандидат за членство во ЕУ тоа мора да го обезбеди“, велат од Министерството за надворешни работи. 

Од таму апелираат до сите граѓани да се однесуваат одговорно и со почит кон правата и слободите на другите.



„Истовремено апелираме до сите граѓани за одговорно однесување и почит кон правата и слободите на другите, напоменувајќи дека мултиетничкиот карактер на нашата држава е една од темелните вредности на уставниот поредок, кое претставува право и обврска за секој од нас“, стои во соопштението на МНР на РС Македонија.

Претходна статија

Пукање против бугарскиот клуб „Цар Борис III“ во Охрид

Следна статија

Еврејските работнички трупи во бугарската армија- алатка против депортацијата на Евреите

Најново од Вести