МОИТЕ „БОМБИ“ СЕ ПОДОБРИ ОД ТВОИТЕ „БОМБИ“

Вчера колегите од „Вечер“ објавија ексклузивен материјал со детали од аудио снимките и броењето пари за рекет. Во истиот тој материјал, што можете да го погледнете на следниот линк, меѓу другото се вели:

„Не сум сељак како Зоки Кичеец да ти пратам во црна ќеса, во Луи Витон од скапите ќе бидат наредени, вели машко лице во разговор по телефон на женско лице кое се смее на оваа забелешка.

– Добро, рачунај дека со нас работата е завршена, а и до Апелација ќе средиме. На Врховен, таму се ваши, му вели женското лице на машкото.     

Чиј е овој женски глас треба да покаже истрагата на обвинителството. “

Па да прашам, зарем е потребно да чекаме истрагата да покаже чиј е женскиот глас? Во минатото кога во „бомбите“ на сегашниот премиер Заев, ги слушавме женските гласови на Гордана Јанкулоска, Силва(нева) Бонева, сопругата на Миле Јанакиески и секако Бетка министерката за култура, немаше потреба од вакво чекање. Тогашната опозиција организираше групни слушања на „бомбите“, а до ден денеска истите тие „бомби“ можат да се слушнат и на Youtube.

Сега работава е поразлична. Женскиот глас се чува во тајност, бидејќи е далеку повреден од гласот на Гордана кога го договара „она на М“ со оној на Г. Каде е тука транспарентноста? Пукнете ја „бомбата“ и ајде да го завршуваме циркусот. Не може? А да бееее, бомбите на Заев беа незаконски снимени, а оваа бомба си е по налог и според пропис. Не е исто да. А и Груевски го нема, го оставивте да се радува на дебаклот на Катица, сам ко стар пират во луксузниот хотел во Будимпешта.

Само да се разбереме, оваа истрагата што тече, ќе трае додека не падне некој договор или ќе заврши во нормален рок од време? Знаете зашто прашувам, па ако е незгодна тема да не ја ‘рчкаме, нема потреба од замерувања. Можеби Ивонче од Вечер лаже? За клик плус ја пуштила „мувата“ за женскиот глас. Превземете мерки, ако лаже, а ако не, забрзајте ја истрагата, октомври тего дека е.

Автор: Атанас Величков