МОН: Досега се затворени 14 приватни универзитети, постапките ќе продолжат после локалните избори
Министерството за образование и наука спроведува контроли во дел од високото образование и носи мерки за неколку установи. Според министерката Јаневска, дел од активностите мора да бидат прекинати поради законските ограничувања кои стапуваат на сила со почетокот на изборната кампања, но таа најави дека постапките ќе продолжат веднаш по завршување на локалните избори.
„Се надевам дека дел од приватните високообразовни установи кои навистина не ги исполнуваат условите самите ќе пристапат кон затворање, ако не ние ќе ги затвориме“, изјави министерката.
Досега се затворени 14 приватни универзитети, а најново решение за привремен прекин на работа е донесено за високообразовната институција „Факултет за бизнис и економија“.
Јаневска појасни дека факултетот работи од 2011 година и до 2022 година имал релативно стабилно функционирање. Но, со промената на сопственоста започнале проблеми, поради што МОН формирало комисија. При контролата биле утврдени повеќе неправилности – од недостаток на кадар до несоодветна опременост.
На институцијата ѝ бил даден рок од еден месец за отстранување на забелешките, но откако не реагирала, Агенцијата за квалитет го оценила факултетот како нефункционален и било донесено решение за привремен престанок на неговата работа.
