| |

Почнува шестото издание на „Софија докуМентал“ – најголемиот фестивал за документарен филм во Бугарија

Утре, 25 септември, во Софија ќе стартува шестото издание на најголемиот фестивал за документарно кино во Бугарија – „Софија докуМентал“. Годинашната програма ќе се одвива под мотото „Природната интелигенција го возвраќа удар“, а организаторите најавуваат рекорден број настани и гости, јавува БНР.

Фестивалот се роди во време на пандемијата, а уште првото издание собра илјадници гледачи и доби одлични критики. „Веќе се етаблиравме како физички фестивал и сме дел од културниот календар на Софија,“ изјави режисерката Мартичка Божилова, уметнички директор на „Софија докуМентал“.

Оваа година речиси секој филм од програмата ќе биде проследен со средба со неговиот автор. Во Софија ќе пристигнат над 70 учесници од странство, што е досега најголем број гости.

Фестивалот ќе се отвори со украинска приказна за отпечатокот на војната врз дивата природа – „убав и ангажиран филм“, како што го опиша Божилова. Затворањето ќе биде со германската продукција „Странџа“, режирана од бугарската фотографка Пепа Христова, која нуди современ поглед кон мистериозната планина Странџа.

Новина оваа година е што фестивалот ќе се одвива на рекордни 11 локации во Софија. „Се обидуваме да го оживееме градот на различни начини и да допреме до разновидна публика,“ потенцираше Божилова.

Слични Објави