|

Руте: Со Трамп не разговаравме за данскиот суверенитет над Гренланд

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека за време на средбата со претседателот на САД, Доналд Трамп, не било разговарано за клучното прашање за данскиот суверенитет над Гренланд, јавува БГНЕС.

Руте, кој говореше во телевизиско интервју за емисијата „Special Report with Bret Baier“ на Fox News, даде малку детали за наводната „рамка“ на договор што Трамп ја објави по разговорите со генералниот секретар на НАТО.

„Имаме добро разбирање за навистина да почнеме да работиме на овие прашања“, изјави Руте. Тој ги повтори своите претходни коментари за АФП дека претстои уште многу работа пред да се дојде до реален договор.

„Тоа значи дека двете страни се согласивме, кога го разгледуваме НАТО и она што НАТО како целина може да го направи, да обезбедиме целиот Арктички регион да биде безбеден“, рече тој.

Запрашан дали во рамки на ваков договор Гренланд ќе остане дел од Кралството Данска, Руте одговори: „Ова прашање повеќе не беше покренато во моите разговори вечерва со претседателот“.

„Тој е силно фокусиран на тоа што треба да направиме за да ја гарантираме безбедноста на овој огромен Арктички регион, каде што во моментов се случуваат значајни промени и каде што Кинезите и Русите стануваат сè поактивни, и како можеме да го заштитиме“, додаде Руте. „Тоа беше вистинскиот фокус на нашите разговори“.

Слични Објави