МОН ГИ ПОВИКУВА СРЕДНИТЕ СТРУЧНИ УЧИЛИШТА И КОМПАНИИТЕ ДА СЕ ПРИЈАВАТ ЗА ГРАНТОВИ НА ГЕРМАНСКАТА РАЗВОЈНА БАНКА

На средните стручни училишта и компаниите им стануваат достапни финансиски средства за опремување н работилници и лаборатории неопходни за реализирање практична настава и дуално образование преку Регионалниот фонд за предизвици.

loading...

Фондот функционира со овластување од Германското сојузно министерство за економска соработка и развој и е поддржан од Германската развојна банка (KfW). Има цел да ја зајакне важноста на пазарот на трудот во однос на стручното образование и обука преку инвестиции во опрема и инфраструктура за субјектите кои обезбедуваат обука и кои учествуваат во заеднички активности за обука со партнерските претпријатија.

Како што соопшти МОН, на вебинар организиран од Регионалниот фонд за предизвици, кој дејствува во рамки на Инвестицискиот форум на коморите од Западен Балкан, беше промовиран првиот повик за изразување интерес за финансирање проекти за соработка поврзани со стручно образование и обуки.

Министерката Мила Царовска очекува ова да даде нов поттик за нивна поинтензивна соработка, со цел квалитетно стручно образование на учениците. Во обраќање на вебинарот таа нагласи дека Регионалниот фонд ќе внесе нова динамика затоа што влезот на финансиски средства и можноста да бидат поддржани идеите на училиштата и компаниите ќе ја поттикне соработката меѓу нив и ќе се види дека бенефит од овој процес имаат и компаниите и училиштата, а резултатот се остручени ученици.

– Средставата ќе може да се употребат за реализација на проекти поврзани со набавка на опрема, обуки на ментори и се друго што е потребно за квалитетно реализирање образовни програми во стручните училишта. Финансиската поддршка ќе овозможи повеќе компании да се вклучат во практичната обука и дуалното образование, наведува МОН во соопштението.


loading...

Под слоганот „Учи паметно, работи стручно”, Министерството за образование и наука веќе реализира консултации со компаниите, стопанските комори и локалните самоуправи за потребата од отворање нови профили и паралелки во средните стручни училишта низ државата од идната учебна година.

– Пред нас стојат многу предизвици, како опремата во училиштата, екипираноста во компаниите по однос на менторите, но предизвик е и да го вратиме сјајот на средното стручно образование кој низ годините е изгубен и сега се обидуваме да ја вратиме неговата вредност. Станува збор за менување на перцепцијата на родителите и на учениците кон средните стручни училишта. Тие треба да бидат полни со ученици за да очекуваме како излезен резултат стручни ученици, кои потоа ќе можат да се вклучат во работните процеси, нагласи Царовска.

Во истражување направено од МОН и Стопанската комора, 85 проценти од 450 компании од цела држава кои учествувале во анализата, изразиле подготвеност да соработуваат со средните стручни училишта и да примаат ученици на практична настава. Царовска на вебинарот информираше дека во тек е процес на врзување на компонентите, училиште со компанија, со цел успешно реализирање на стручното образование. Следниот предизвик, додаде министерката, ќе биде стипендирањето на учениците со цел да се поттикнат да се запишат во овие училишта.