МОН: ВМРО-ДПМНЕ нема почит кон наставниците

/

„Министерството за образование и наука изразува жалење што денеска повторно поради опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Северна Македонија испуштена е можноста за усвојување на измените на Законот за наставници и стручни соработници со кои се обезбедуваат повеќе права и се унапредува економскиот и општествен статус на оние од кои најмногу зависи квалитетот на воспитно – образовниот процес и создавањето на перспективни генерации на млади.

Очигледно е отсуството на интерес кај претставниците на најголемата опозициска партија во парламентот, за придонес кон подобрување на состојбите во областа на образование, првенствено преку подигнување на мотивацијата за работа на наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта во државата. А тоа е нешто што го обезбедува ова современо законско решение.

Потсетуваме дека измените на Законот за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта првенствено обезбедуваат економска и правна сигурност на наставниот и стручниот кадар. Имено, законот уредува дека сите нови вработувања во училиштата ќе бидат директно на неопределено време, наместо како досегашната практика да се чекаат две години за отпочнување на процес на трансформација, а воедно и сите наставници и стручни соработници кои во овој момент се ангажирани на определено време, со стапувањето во сила на законските измени ќе добијат решение за трајно вработување доколку ги исполнуваат предвидените законски услови.

Законското решени овозможува професионален и кариерен развој за вработените во училиштата, како и следење и оценување на работата уште од првиот ден на стапувањето во редовен работен однос. Воедно, за прв пат законски се дефинираат компонентите на платата на наставниците и стручните соработници, со што се овозможува исплата на додатоците на плата за претходно стекнатите педагошки звања како резултат на успешност во работењето, додатокот за одделенско, односно класно раководство, за работа во комбинирана паралелка и за работа во ридско-планинско подрачје, за кои во минатото имаше реакции дека не се исплаќаат од страна на училиштата.



Решението предвидува и исплата на целосна плата за неполн неделен фонд на часови на наставниците кои ќе реализираат воспитно-образовна работа според наставен план и програми донесени согласно Концепцијата за основно образование и воспитание, доколку имаат минимум 10 наставни часови во неделата. А предвидено е и покачување на платите на наставниците со секое зголемување на минималната плата.

Наставниците и стручните соработници се најважната алка во реализацијата на воспитно образовниот процес и затоа апелираме до членовите на Комисијата кои поради партиски директиви ја опструираат работата на ова тело, само заради собирање на ситни – дневно политички поени, но и само поради тоа што токму тие не се предлагачи на овие позитивни промени, конечно да ги надминат партиските интереси и да ја започнат дискусијата за законското решение, како би дале придонес кон формулирање на неговата најдобра верзија.

Секое одложување на усвојувањето на измените на законот, не само што создава револт кај наставничката фела која заслужено треба, може и мора да добие вистинско внимание од државата и од институциите на системот, туку значи и директна штета по знаењето на учениците“, се вели во соопштението на МОН.

Претходна статија

Заев ја повика Бугарија да биде дел од „Отворен Балкан“

Следна статија

Трифонов: Ако не се врати здравиот разум, ќе се одржат предвремени избори

Најново од Вести