Познати седумте кандидати за европски обвинител од Бугарија
Седум кандидати поднесоа документи за учество во постапката за избор на нов европски обвинител од Бугарија. Тоа се Михаела Рајдовска, Димитар Беличев, Светлана Шопова-Колева, Пламен Петков, Ивајло Илиев, Десислава Пиронева и Бојко Атанасов, јавува БГНЕС.
Рокот за кандидатура беше од 24 ноември до 12 декември, при што документите се поднесуваа во Министерството за правда.
Постапката за избор се одвива во две фази – проверка на допустливост и јавно сослушување. На 18 декември ќе се одржи седница на специјалната комисија за селекција, назначена со наредба на министерот за правда Георги Георгиев, која ќе се произнесе за допустливоста на кандидатите.
Допуштените кандидати ќе бидат поканети на јавно сослушување од седумчлена комисија, предводена од заменик-министерот за правда Стојан Лазаров. На крајот, комисијата предлага три кандидатури, подредени по азбучен ред. Со извештај на министерот за правда, номинациите се доставуваат на одобрување до Министерскиот совет, по што се испраќаат до надлежните органи на ЕУ за понатамошна селекција. Европските обвинители ги назначува Советот на ЕУ за шестгодишен мандат, при што се очекува новиот мандат да започне кон крајот на јули – на 29 јули 2026 година.
Согласно Регулативата (ЕУ) 2017/1939 за воспоставување засилена соработка за создавање на Европското јавно обвинителство (EPPO), номинираните кандидати мора да бидат активни обвинители, судии или истражители, чија независност не е доведена во прашање. Тие треба да поседуваат потребна квалификација за именување на висока обвинителска или судска функција (минимум 12 години стаж согласно барањата на член 164, став 7 од Законот за судската власт) и соодветно практично искуство во националниот правен систем, финансиските истраги и меѓународната судска соработка во кривични предмети. Европско барање за допустливост е кандидатите да можат да го завршат шестгодишниот мандат пред да наполнат 70 години, како и да го владеат англискиот јазик – работниот јазик на Европското јавно обвинителство (EPPO).

