МОН: Во Скопје се одржува Национален натпревар на вештини, наменет за ученици од средните стручни училишта
Во АСУЦ „Боро Петрушевски“ – Скопје денес и утре се одржува Национален натпревар на вештини, во организација на Занаетчиска комора Скопје со поддршка од Европската унија. На натпреварот учествуваат ученици од средни стручни училишта, а успешен настап им посакаа министерката за образование и наука, Весна Јаневска, амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, директорот на Центарот за развој на стручно образование и обука, Бесник Зендели и претседателот на Занаетчиска комора Скопје, Горан Ристовски.
Во своето обраќање, Јаневска нагласи дека во време кога економиите ширум светот се справуваат со недостиг на вештини, автоматизација и потреба од одржлив раст, општествената определба за јакнење на стручното образование се потврдува како стратешки оправдана и продуктивна.
„Министерството за образование и наука со реформата на средното и високото образование, зацрта образовни патеки кои водат до вработување. Со озаконувањето на дуалното образование ги регулиравме односите меѓу средните училишта и бизнис секторот. Достигнавме бројка од 800 работодавачи кои им овозможуваат на учениците да учат на вистински работни места. Оваа бројка ќе расте, бидејќи секоја нова компанија ја гледа конкретната добивка преку подобро обучени кадри и намалени трошоци“, рече Јаневска.
Посочи дека средношколците кои се определиле за изучување на одреден занает, ќе можат да продолжат со образованието во високо дуално образование, што се овозможува со новиот Закон за високото образование, кој наскоро ќе се најде пред пратениците. Целта е, како што рече, да создадеме високообразовани професионалци, подготвени за современиот пазар на труд, кои ќе ги комбинираат стекнатите вештини со академско знаење.
Во моментов во 76 јавни средни училишта се реализира стручно образование. Секој ученик реализира практично образование, односно учење преку работа. Во тековната учебна година речиси 70% од деветтооделенците се запишани во стручни училишта. За да се обезбеди подобар квалитет на образованието, од учебната 2025/2026 година во училиштата се вклучени кариерни советници и координатори за практично образование.
Јаневска информираше дека за новата учебна 2026/2027 година се обезбедени над 25 илјади ученички места за упис во прва година, од кои 17 илјади во стручно образование, а од нив, скоро 7 илјади во дуални паралелки. Се воведуваат и неколку нови образовни профили, како – Техничар за мултимедиски технологии, Компјутерски техничар за развој на видео игри и виртуелна реалност и Техничар за енергетски ефикасно греење и климатизација.
„Ценам дека учениците и родителите препознаваат дека средното стручно образование е навистина успешен модел на образование во Македонија. Тоа значи и дека занаетите имаат иднина, или како што популарно меѓу граѓаните се кажува – занаетите злато вредат“, додаде министерката.
