|

МТСП: Во тек е редовната исплата на пензиите, зголемена 5,3 отсто

Министерство за труд и социјална политика ги известува пензионерите дека во тек е редовната исплата на пензиите, која овој месец е зголемена 5,3 %.

Пензијата, во согласност со новата методологија, се усогласува на 1 март и на 1 септември секоја година според процентот што се добива како збир на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие и процентот на порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Северна Македонија во претходното полугодие во однос на полугодието што му претходи.

Во согласност со оваа методологија и податоците од Државниот завод за статистика, пензијата за септември е зголемена 5,3 %.

Ова е второ усогласување за оваа година, во март беше зголемена 8,4 % и заедно со 5,3 % во септември изнесува вкупно 13,7 %.

Министерството за труд и социјална политика претходно извести и дека со исплатата на пензијата за август се враќа редовниот начин на исплата наместо предвремената исплата на пензијата воведена поради прогласувањето на пандемија во државата и донесените мерки за заштита од коронавирусот.

Слични Објави