Откако директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми во средата најави дека до крајот на неделата ќе поднесе кривична пријава против обвинителките Вилма Русковска, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска за „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „фалсификување на службената исправа“, шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Вилма Русковска ги повикува сите надлежни институции во државата, меѓутоа и сите меѓународни институции и амбасади, пред се Амбасадата на САД и Канцеларијата на ЕУ, „еднаш засекогаш да се проверат сите факти и да се расчисти кој во оваа држава се бори против криминалот, а кој го прави“, пишува ТВ 21.
Русковска во реакцијата наведе дека е згрозувачки притисокот врз обвинители на ОЈО ГОКК од страна на именувано лице од Владата, како и мешање во предмет на Обвинителството, што е стриктно забрането согласно Законот за јавно обвинителство.
– Доколку Владата сака државата да биде вистинска правна држава, а не правна држава прикажана преку ПР преку медиумите, вистината мора да излезе на виделина. Сакам да прашам како тоа се напаѓаат клучните обвинители, кои ги водеа случаите против Катица, Ременски, Рашковски и Зекири, а во исто време водат и повеќе предистраги за актуелни и поранешни високи владини функционери, вели Русковска.
Таа смета дека токму поради овој атак и притисок врз обвинители на ОЈО ГОКК, меѓународните институции, како и амбасадите на САД и ЕУ, треба сериозно да преземат мерки затоа што „ова најмалку доликува на земја членка на НАТО и земја што почнала преговори за ЕУ каде владеењето на правото е императив“.
– Македонија ниту е диктатура, ниту е монархија. Во Македонија не смее да владее волјата на некои сегашни или пак поранешни владини функционери за да обвинители замижуваат пред било кој криминал, па тој и да е и во највисоките ешалони на власта, нагласува Русковска.
Таа воедно побара и европската обвинителка Лаура Ковеши доколку е во можност да дојде и ги провери сите предмети на ОЈО ГОКК, откако е таа на чело на Обвинителството, со посебен осврт на предметите за Рашковски, Зекири и овој најновиот за Муареми.
Целиот напис прочитајте го овде.