Русија прогласи 14 бугарски дипломати за персона нон грата
Четиринаесет бугарски дипломати и вработени во бугарското дипломатско претставништво во Москва се прогласени за персона нон грата. Мерката е одговор на протерувањето на 70 руски дипломати и вработени во руската амбасадата во Бугарија.
Русија е убедена дека непријателските чекори на Софија кон Москва немаат никаква врска со националните интереси на Бугарија и нејзиниот народ, се вели во соопштението на руското МНР, цитирано од руската новинска агенција ТАСС.
Руското МНР наведува дека дејствијата на бугарската држава „предизвикуваат значителна штета на традиционалните врски меѓу двете земји, ги кршат правата на сонародниците кои го изгубиле пристапот до конзуларните услуги“. Во пораката, цитирана од ТАСС, се тврди и дека бугарската одлука е „сведоштво за натамошна деградација на колективниот Запад, подготвен да ги жртвува интересите на своите партнери, само за да и наштети на Русија“.
Мерката е одговор на протерувањето на 70 руски дипломати од Бугарија, воведувањето квоти за бројот на руски дипломатски и административно-технички персонал во Бугарија, како и затворањето на Генералниот конзулат во Русе, Министерството за надворешни работи во Москва. На крајот на јуни, владата на Кирил Петков прогласи за персона нон грата 70 руски дипломати и вработени во амбасадата.