| |

МВР на Бугарија: Активни се 260 пожари, од нив 3-4 се со поголем интензитет

Ситуацијата со пожарите во Бугарија е алармантна, а човечките грешки и активностите со умисла играат голема улога, изјави на прес-конференција во Пловдив в.д. главниот секретар на МВР, главен комесар Мирослав Рашков, пренесува БГНЕС.

Вчера биле регистрирани два случаи на подметнати пожари – во Сливен и Велико Трново. Двајца мажи, на возраст од 33 и 41 година, и двајцата со криминално досие, се уапсени и ќе бидат обвинети за тероризам. Според Рашков, еден од нив, 33-годишен жител на Дрјаново, е снимен од општинска камера како пали шума меѓу двата најголеми квартали во Велико Трново – „Чолаковци“ и „Бузлуџа“, во близина на училиште.

Во моментов најтешка е состојбата со големиот пожар кај Илинденци. На терен се 22 противпожарни екипи со 160 пожарникари, доброволци, шумски работници и воени лица. Во гаснењето се вклучени хеликоптер „Кугар“ од бугарските воздухопловни сили, како и хеликоптери од Унгарија и Словачка. Во текот на денот ќе пристигнат и хеликоптери од Франција и Романија, како и авиони од Шведска.

Во Бугарија активни се над 260 пожари, од кои 3-4 се со поголем интензитет. Според властите, нема загинати, ниту сериозно повредени, освен една жена која била затоа што одбила навремена евакуација. Таа е хоспитализирана и е во стабилна состојба.

Од МВР апелираат граѓаните строго да ги следат упатствата на властите во случај на евакуација, со цел да се избегнат жртви и дополнителни ризици.



Слични Објави