МЗ: 78 отсто од новите случаи и 80 отсто од хоспитализираните со Ковид 19 се невакцинирани

/

Министерството за здравство соопшти дека ја објавува анализата на вакцинирани, од позитивни случаи со Ковид 19, во период од 6 август заклучно со 23 септември. За вакцинирани, како што се посочува, се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.

– Во период од 6 август до 23 септември на територија на државата 32.818 граѓани се позитивни од тестирани на Ковид-19, од кои 22 отсто биле целосно вакцинирани, односно 7248 лица. Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со Ковид-19. Според статистика за изминативе недели, 25.570, 78 отсто граѓани, од позитивните на Ковид-19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 80 отсто, додека само 20 отсто од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата.

Во период од 6 август до 23 септември, како што се наведува во анализата, починале 1033 лица со Ковид-19, 888 пациенти од починатите не биле вакцинирани, а само 14 отсто примиле вакцина.



– Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас, како и пациенти кои се вакцинирале во странство со вакцини на „Модерна“ и „Џонсон“. Секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, посочуваат од Министерството и апелираат граѓаните да се вакцинираат, бидејќи само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2.

Извор: Zoom. mk

Претходна статија

Брнс: САД нема да се мешаат директно во спорот Софија-Скопје

Следна статија

Нападнати три лица од Кратово во казино во Крива Паланка

Најново од Вести