МЗШВ: Ќе се објави Јавен повик 02/2025 од ИПАРД Програмата – Поддршка за инвестиции во преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021–2027, во рамките на Мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи“.
Оваа мерка претставува значајна можност за претприемачите од прехранбената индустрија во земјата да ги модернизираат своите капацитети, да ја подобрaт конкурентноста и да ги унапредат своите производи за домашниот и меѓународниот пазар.
Преку Мерката 3, корисниците можат да добијат финансиска поддршка за инвестиции во модернизација на преработувачките погони, набавка на опрема, изградба или реконструкција на објекти, како и усогласување со европските стандарди за квалитет и безбедност на храната. Целта на мерката е да се поттикне развојот и зголеми конкурентноста на земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој (ИПАРД) на Европската Унија, во рамките на програмскиот период 2021–2027 година.
Министерството ги повикува сите заинтересирани навреме да започнат со подготовка на потребната документација и редовно да ги следат објавите на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, каде ќе бидат објавени сите детали за јавниот повик.