На 18 мај Врховниот суд на Грција ќе ја соопшти одлуката за Грујевски и Бошковски
По еден час сослушување, зад затворени врати, во Врховниот суд на Грција, во Атина, заврши рочиштето по поднесената жалба за екстрадиција на Горан Грујевски и Никола Бошковски.
Одлуката судот ќе ја соопшти на ново рочиште, на 18 мај. Неколку минути по 11,30 часот по локално време, почна рочиштето за Грујевски и Бошковски. откако претходно минаа сите останати повеќе од 20 случаи од дневниот ред. Расправата траеше еден час. Судницата беше испразнета поради барањето од минатиот месец на двајцата адвокати од Грција судењето да се одржува зад затворени врати. Поради тоа во судницата останаа само Грујевски и Бошковски, адвокатскиот тим, двајцата преведувачи и полициското обезбедување,
но и адвокатот од Македонија, кој е сведок во случајот.
На 17 мај, само ден пред да биде соопштена одлуката во Атина, во Солун е закажано рочиште за нивните фалсификувани патни исправи. Меѓутоа, со оглед на тоа дека Никола Бошковски и Горан Грујевски се во Атина, веројатно е дека судењето ќе биде одложено.
По завршувањето на денешното рочиште, од Врховниот суд во центарот на Атина, двајцата поранешни началници во Управата за безбедност и контраразузнавање, повторно беа вратени во атинскиот затвор „Коридалос“, каде што се сместени од 13 февруари, по нивното префрлање
од Солун во Атина. И за денешното рочиште, исто како и за претходните три, немаше никаков интерес од медиумите во Грција. Тоа беше и еден од аргументите на адвокатите на Грујевски и Бошковски за барањето рочиштето да се одвива зад затворени врати.
Извор: Емагазин